САЕМ НА КНИГАТА ВО СОЛУН

Првиот ден од меѓународниот 21. Саем на книгата во Солун беше промовиран романот „Столб што пее“ од македонскиот писател Томислав Османли, во превод на Ставрула Маврогени на грчки јазик. Македонскиот роман беше објавен пред неколку месеци од страна на солунското книгоиздателство „Литератус“, по избор на директорот и главен уредник, антологичарот и публицист Ставрос Дајос. Оригиналното издание на романот „Столб што пее“ е публикувано во 2022 година од „ВиГ Зеница“ од Скопје.
Саемската промоција на книгата што влегува во тематот „Балканска литература“ се одржа минатата недела на штандот 13, во салата „Теодоракис“, дел од Солунското сајмиште. Промотори на грчкото издание на романот беа Ставрула Маврогени, професорка по балкански, словенски и ориентални студии на универзитетот „Македонија“ и предевувачка на романот; и писателот Вангелис Тасиопулос, до неодамна и претседател на Сојузот на писателите на Солун, инаку автор на предговорот кон грчкото издание на нашиот роман. Промоцијата ја модерираше авторот Георгиос Хаѕистефанус.
Романот на Османли е антивоена проза со длабок историски рез и со широк дијахрониски опфат. Ова е трето претставување на дело од Томислав Османли на престижниот солунски Меѓународен саем на книгата. Претходните претставувања на нашиот автор се случија во 2015 година, со романот „Дваесет и првиот“, издание на англиски јазик на „Магор“, и во 2017 година, со претставувањето од страна на истакнати грчки автори од Солун, на двојазичната книга „Светилка за Ханука“, која на македонски и на англиски своевремено беше публикувана од скопски „Форум“.
Грчкиот е прв превод на странски јазик на романот „Столб што пее“, кој во Македонија доби редица позитивни одгласи од стручната и од читателската јавност. Тој беше финалист на конкурсите за „Роман на годината“ во 2022 година и на наградата „Стале Попов“ на ДПМ за 2023 година.