На 21 јануари (вторник), со почеток од 19 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист.
– Дали навистина сум таков на сет во текот на работата или, пак, можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал – вели Бојаџи во најавата за промоцијата на книгата.
Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи. Авторот најавува и специјално изненадување за сите што ќе одат на промоцијата и ќе бидат дел од забавата. Ќе биде покажан трејлер од долгоочекуваниот нов проект „Утре наутро“.
– Книгата,,Гледна точка“ навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми што влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“ – вели Атанас Чуповски.
Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од десетици филмски и телевизиски проекти. Тој е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија на интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ и од 2019 година е директор на телевизијата Алфа. Во 2013 година се вработил во Канал 5, каде што бил режисер, сценарист и извршен продуцент на серијалот „Македонски народни приказни“ и играни и документарни филмови, каде што работел до 2017 година. Во март 2023 година Бојаџи станува основач на платформата „Кинемое“, која е наменета за македонска продукција за филмови и серии. Тој е директор на фестивалот „Преку езерото“, кој од 2023 година се одржува еднаш годишно во Дојран. Бојаџи има напишано повеќе од 50 колумни за весникот „Нова Македонија“, за театар и филм.