В сабота, македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе настапи на еден од најпрестижните фестивали за класична музика во регионот – „Раванелиус“, во Ќуприја, Србија. Ова учество е особено значајно, бидејќи „Профундис“ ќе биде дел од затворањето на овој врвен музички фестивал.
Ова е единствениот македонски претставник на овој фестивал, а на сцената заедно со нив како солист ќе настапи извонредниот српски кларинетист Огњен Поповиќ, познат како виртуоз во своето музичко творење.
– Ова е само еден од настапите што уште еднаш ги потврдуваат трудот и вредната посветеност и љубов, кои ги посветуваме во нашето творење и навистина со голема чест ја прифативме поканата на организаторите да настапуваме на затворањето на фестивалот на музички извонредности и да ја делиме сцената заедно со најпознатиот српски кларинетист Огњен Поповиќ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка и диригентка на „Профундис“.
Фестивалот на музички извонредности „Раванелиус“ претставува еден од најпрестижните фестивали во регионот што преку својот современ концепт придонесува за развој на класичната музика. Годинашното издание, кое се одржува од 1 до 8 јули, го отвори еден од најдобрите светски виолинисти Немања Радуловиќ. Во своето четиригодишно постоење, фестивалот се закити со престижното признание „Музика класика“ за најдобар регионален фестивал во регионот и беше домаќин на над 150 изведувачи со над 4.000 посетители.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав што постои веќе четири години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри, Националната опера и балет и Националната филхармонија.