Милош Б. Андоновски, режисер и професор

Учебник по предметот Драмска уметност е потребен последниве 21 година, но за состојбата сме заслужни и самите ние од театарската фела – мора да бидеме погласни и да го негуваме и театарското образование. На тој начин ја негуваме и театарската уметност посеопфатно и пошироко, вели Милош Б. Андоновски

Од печат излезе првиот прирачник по драмска уметност за наставници на македонски и албански јазик, во издание на „Театар за сите“. Автор и приредувач на прирачникот е Милош Б. Андоновски, режисер и професор.
– Прирачникот им се обраќа на наставниците по предметот Драмска уметност, кој им се нуди на учениците од четврта година во државните гимназии, но само доколку одберат да се насочат кон јазично-уметничкото подрачје, комбинација Б. Тој им нуди вежби од областа на актерството, драмското пишување и театарската режија, со упатства за водење на вежбите, организирање на работниот простор, како и очекувани резултати од реализацијата на секоја вежба – вели Милош Б. Андоновски.

Што ве поттикна да го склопите вашето знаење, искуство, во еден ваков прирачник?
Овој предмет во македонскиот образовен систем е воведен во 2001-2002 година. Оттогаш не постои ниту учебник за ученици ниту какво било дидактичко помагало за наставниците. Наставниците, но и средношколците, се препуштени сами на себе во реализацијата на наставата и токму тоа беше поттикот да седнам и да им понудам нешто на моите колеги. Со ова се занимавам од 2015 година, постојано ме контактираат наставници од цела Македонија, барајќи ми вежби или литература, но сѐ што можев да им понудам беа текстови и литература достапна на други јазици. Ова е прв прирачник од ваква природа на македонски, но и на албански јазик. Преводот го сработи мојот колега режисер и актер Бесфорт Идризи, доцент на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Публикацијата е продуцирана со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините на публикацијата се исклучиво одговорност на здружението за театарска едукација и продукција „Театар за сите“. Проектот „Нови публики“, во чии рамки е и публикацијава, е овозможен од Регионалната мрежа за културна разновидност. Проектот го спроведува „Гете-институт“ – Скопје, заедно со партнерските организации.

За кого е наменет овој прирачник за наставници по драмска уметност?
Неколку дена пред промоцијата, сфатив дека овој прирачник може да го користат не само наставници туку и едукатори од сферата на неформалното театарско образование, односно сите што работат со средношколци. Тоа средношколци го нагласувам зашто дел од вежбите се понапредни и не се соодветни за помала возрасна група. Навистина не знам колку драмската сцена има потреба од ваков прирачник, но дека на формалното образование му е повеќе од потребен е факт, не случајно имаше и сѐ уште има огромен интерес за прирачникот.

Какви вежби по актерска игра, драмско пишување и театарска режија има опфатено во вашата збирка?
Прирачникот нуди вежби за совладување на основите на актерството, драмското пишување и режијата. Целта на собраните вежби е на учениците да им понуди можност да ги спознаат театарските процеси и нивната поврзаност низ практично искуство и по принципот учење преку правење. Театарската уметност секако дека има теоретски рамки, но искуството на средношколците по овој предмет не смее да се сведе само на изучување на теоретското.

Вежбите по актерска игра, инаку, се поделени на вежби за тело, за глас и за мисли/чувства. Режисерските вежби вклучуваат режирање етиди, игра со жанровските определби, анализа на драмски текст и режисерска подготовка. Поглавјето за драмско пишување вклучува вежби за пишување монолог, дијалог, едночинка, развивање драмски конфликт и драмска структура итн.

Какво дополнување сакате да направи во наставата по драмска уметност?
Со нетрпение чекам да дојде септември/октомври, наставниците да почнат да го применуваат и да ми се обратат, да споделат дали им е од помош, дали се снаоѓаат, каква е реакцијата на учениците од поинаквиот тек на часовите и сл. Прирачникот, инаку, е поднесен на разгледување во Министерството за образование и наука, со надеж дека ќе добие решение и ќе стане официјално помагало, поддржано од државата, но, еве, точно два месеца се поминати и сѐ уште нема никаков одговор.

Потребни ли се повеќе вакви прирачници, учебници… недостига ли литература по драмска уметност на македонски јазик?
Мислам дека освен овој прирачник за наставници и еден практикум за предучилишна и училишна возраст што го напишаа мои колеги, друг ваков тип на литература не сум сретнал. Учебник по предметот Драмска уметност е потребен последниве 21 година, но за состојбата сме заслужни и самите ние од театарската фела – мора да бидеме погласни и да го негуваме и театарското образование. На тој начин ја негуваме и театарската уметност посеопфатно и пошироко.