Оваа година, традиционалниот концерт на отворено во Градскиот парк, Филхармонијата му го посветува на генијалниот Чарли Чаплин. „Лудориите на Чаплин“ се закажани за 24 јуни, во 21 часот.

Оркестарот, под диригентската палка на Џијан Емин, ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралелно ќе оди и проекција на истоимениот филм.
Со својата неверојатна умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира различни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформира светската кинематографија, особено во жанрот на комедијата, на која ѝ даде сосема нова естетска и социјална димензија.

Неговите комедии се сплет од комедија и длабоки емоции и се фокусираат на важни аспекти од секојдневниот живот. Со други зборови, можеби неговите филмови се смешни, бидејќи носи големи чевли и тесно палто, но зад ликот на Скитникот и неговите авантури се крие трагичноста на социјалниот живот на времето во кое биле создадени.

Со таа трагичност, скриена зад превезот на комичното, публиката можела целосно да се идентификува за време на исклучително тешкиот период на Големата депресија во САД.
– Таков е и неговиот филм „Детето“. Спој на трагично и комично, на длабоки емоции, вешто проткаени во наративот на приказната – пишуваат од Филхармонијата.