Заврши 17-то Патувачко кино на „Македокс“

Веќе седумнаесет години, Патувачкото кино на „Македокс“ ги поврзува луѓето преку документарните приказни и ги собира на плоштадите, во училишните дворови и на другите јавни простори, кои се претвораат во кино за една вечер. Покрај филмските проекции, секоја киновечер нуди можност за средба, разговор и за заедничко споделување приказни што инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат дијалог.
Патувачкото кино не се само проекциите туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.
– Со успешно реализирани проекции во Неготино, Пепелиште, Демир Капија, Долни Дисан, Негорци и во Гевгелија, го заокруживме 17-то издание на Патувачкото кино на „Македокс“. Посетеноста и прекрасната атмосфера на сите локации уште еднаш го потврдија интересот за гледање документарен филм на големо платно. Им благодариме на сите локални партнери, домаќини и на публиката што беше дел од ова патување. Сега го насочуваме вниманието кон 17-то издание на фестивалот „МакеДокс“, кое ќе се одржи од 20 до 27 август во Скопје – истакнуваат од екипата на „Македокс“.

Од 10 до 17 јули, карванот на Патувачкото кино помина низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го однесе документарниот филм на големо платно со проекции под отворено небо во места каде што ретко има можност да стигне. Годинашното патување почна на 10 јули во Неготино, каде што проекцијата се одржа кај Спомен-костурницата. Веќе следниот ден, 11 јули, Патувачкото кино гостуваше во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули, карванот продолжи во Демир Капија, на градското шеталиште, а на 14 јули беше во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери се одржаа на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“.
Седумнаесеттото Патувачко кино на „Македокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Македонија.