Францускиот поет Жан Пјер Симеон добитник на „Златен венец“
Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон. Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој, покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан Светскиот ден на поезијата – 21 март, со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети членови на Македонскиот ПЕН-центар, како и други истакнати македонски поети од различни генерации Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, кој е предвидено да се одржи од 22 до 26 август.
Во образложението на одлуката, Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, потенцира дека Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист…
– Поезијата на Симеон зад себе ги има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, која ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на љубовта и убавината – вели Шелева.
По повод наградата порака испрати и самиот лауреат.
– Се осмелив пред неколку години да напишам есеј насловен „Поезијата ќе го спаси светот“. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на Земјината топка што веруваат дека поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра што може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани – е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да ѝ даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет. Која е таа желба, таа надеж, тој толку силен елан што е обликуван низ вековите да им се спротивставува и да ги демантира најголемите насилства на историјата. Токмy поезијата е вистинска одбрана на човекот и неговата вознемирена и безгранично отворена совест, која сака да го пронајде своето соодветно место, исполнето со неговата простосмртна желба по срцето на непознатото за да го направи свет животот во сите негови безгранични пространства – пишува францускиот поет.
Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година, која „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка, е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „Вакви денови имало отсекогаш“. Таа е германска писателка, преведувачка и инженерка. Пишува поезија и белетристика, а преведува од шпански и од норвешки на германски јазик. Во 2021 година ја добива наградата „Леонсе и Лена“ за млади поети. Нејзината прва поетска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“ е објавена во 2022 година. Од годинава Делегацијата на ЕУ ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ преку „Јуроп хаус-Струга“. В.Д.