Овој наш познат и значаен диригент и композитор е автор на „Рапсодија за Скопје“, композиција за пијано и оркестар (1966), која е главна музичка тема во филмот „Мементо“
Мартовската програма во Кинотеката започнува со холивудскиот хит „Куќата на Гучи“ на Ридли Скот, со Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек во ѕвездениот кастинг, филм инспириран од вистинската приказна за семејното царство на италијанската модна куќа „Гучи“.
Во март ќе му биде оддадена почит на маестро Александар Џамбазов, со македонскиот игран филм „Мементо“ (1967) во режија на Димитрие Османли. Овој наш познат и значаен диригент и композитор е автор на „Рапсодија за Скопје“, композиција за пијано и оркестар (1966), која е главна музичка тема во филмот.
На програмата е и новиот филм на Пол Верховен, некогашниот култен автор на акционите научнофантастични филмови „Робокап“ (1987) и „Тотално отповикување“, како и еротските трилери „Основен инстинкт“ и „Шоу девојки“. По враќањето во Европа, Верховен направи неколку авторски поинакви филмови, а „Бенедета“ (2021) е најновиот во неговата филмографија, во кој провоцира со неговото видување на геј-сексуалноста и митологијата.
Од 9 до 10 март, Кинотеката веќе традиционално е домаќин на Вечерите на женски права, а на 13 март ќе биде одбележана 79-годишнината од злокобната депортација на македонските Евреи во логорот „Треблинка“ со проекција на италијанскиот филм „Ѕвездено небо над римското гето“ (2020) на Џулио Базе.
Кон средината на март, на кинотечната програма се враќа рубриката Уредник со причина, во која овој пат филмови избира Илина Арсова. Таа е и академска сликарка со мултитаскинг-темперамент, која ја користи уметноста за да ги претстави загадувачките навики и човековите интервенции врз природата.
– Македонскиот игран филм „Делфина“ (1977) на Александар Ѓурчинов е наслов со кој се поистоветувам секогаш кога ми е тешко и кога патот до целта е долг. Заради „Плажата“ (2000) на Дени Бојл ги открив далечните дестинации и патував речиси низ целиот свет, а со „Мои песни мои сништа“ (1965) на Роберт Вајс пораснав и уште тогаш се вљубив во алпскиот планински пејзаж – вели Арсова.