На 22 февруари, една од нашите најдобри актерки Биљана Драгиќевиќ Пројковска играше како гостинка на сцената на народниот театар „Иван Вазов“ во Софија. Пројковска во улогата на ликот Серафима Илинична беше дел од претставата „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов, кој е еден од водечките европски режисери на денешницата. Пројковска имаше повеќепати аплаузи на отворена сцена во текот на претставата, а на крајот од изведбата беше поздравена со бурни аплаузи и овации. Инаку, и македонската публика имаше можност да ја гледа Биљана Драгиќевиќ Пројковска, толкувајќи го истиот лик на Серафима Илинична, во нашата изведба на „Животот е прекрасен“, поставена во Македонскиот народен театар, во режија на Александар Морфов.
Народниот театар „Иван Вазов“ со оваа изведба го прослави јубилејот по повод 100-годишнината од раѓањето на големата режисерка и професорка Јулија Огненова. По повод јубилејот на сцената на Народниот театар се одигра претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман на режисерот Александар Морфов, кој е еден од нејзините најпознати ученици. Во претставата заедно со Пројковска играат големи актерски имиња од Народниот театар: Камен Донев, Рени Врангова, Албена Колева, Руси Чанев, Радина Боршош и др. Поканата за гостувањето на сцената на Народниот театар во Софија е големо признание за нашата актерка, бидејќи овој театар со своите претстави е еден од водечките во регионот и во Европа.