Во издание на реномираната српска издавачка куќа „Агора“ од Нови Сад, деновиве е објавен романот „Бродот. Конзархија“, на македонскиот писател Томислав Османли. Преводот на српски јазик е на писателот и преведувач Сашо Огненовски, а уредник и рецензент е писателот Ненад Шапоња. Романот „Бродот. Конзархија“ му припаѓа на жанрот негативна утопија, а неговото дејство се случува во 2039 година.
„Бродот. Конзархија“ со поднаслов „Холограф“ е роман во кој авторот ги слика својствата на новото прагматично време исполнето со симулакруми, со лажни стварности, кое во крајна линија и самото ќе се покаже како време на омасовени илузии, и општи и лични прелаги. Во тоа време, покрај отуѓените карактери на својата негативна утопија, низ многубројни духовити и ирониски пасажи, Османли го открива носталгичниот човек проектиран во блиската, отуѓена и хипермеркантилна иднина на „Европеалната унија“ составен од три концентрични круга наменети за трите категории: регуларните членови и вечни претенденти за затворениот европски сојуз – нешто што токму во политичката реалност на денешницава добива полна меѓународно-политичка актуелност. Авторот пишува за редица судбински вредности и детерминанти и повторно го става во фокус човекот во отуѓената стварност на блиската иднина.