„Музика што ги отвора ушите и срцата“, вака беше најавен големиот настан за македонската музичка уметност, светската премиера на оркестарската верзија на музичкиот проект „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, во најпрестижната светска концертна сала „Музикферајн“ во Виена, заедно со австрискиот оркестар „Тонкунстлер“ и диригентот Јутака Садо од Јапонија. Трпчески во изјавата за МРТ појаснува дека на членовите, квинтетот „Македонисимо“ им донел многу возбуда, среќа и гордост.
– Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на историјата на македонската интерпретативна уметност. Возбудата е дотолку поголема што добивме уште една димензија на проектот „Македонисимо“, што Панде Шахов овој пат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика. Со желба изведбата да донесе уживање и за самиот оркестар, тој ја направи оркестрацијата многу внимателно. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ „Музикферајн“ се разлеаја корените на македонската нација – изјави Трпчески.
Композиторот и аранжер Панде Шахов појасни дека не менувал ништо во делниците за квинтетот, туку само оркестарски ги обоил.
Изведбата на квинтетот „Македонисимо“ (Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на перкусии, предводени од пијанистот Трпчески), беше посебна инспирација и за членовите од оркестарот, на чело со нивниот музички директор и шеф-диригент Јутака Садо, кој подвлече дека кога првпат ги видел ритмите во партитурите, се исплашил како ќе ги диригира.
– По дводневни проби, забележав дека со помош на прекрасните музичари од квинтетот „Македонисимо“, сега не се чувствувам како да следам ритам, матрица, туку како да создавам една многу слободна музика. И среќна! Кога завршува секој од ставовите, оваа музика нѐ прави насмеани, среќни. Има преголемо уживање во оваа музика што го слави животот на многу креативен начин – изјави маестро Садо.
Одушевената публика тоа го препозна и со стоечки овации измами дури две изведби на бис.
Како што вели и официјалниот сајт на оркестарот „Тонкунстлер“, „радосната музика за која критичарите открија дека резултатот го одзема здивот“ вечер (3 март) продолжува со својата реприза на големата сцена во Фестивалската сала на австриски Санкт Полтен. С.Ј.