Куќата на Ветиите повторно се отвори за јавноста по 20 години
Куќата на Ветиите, која важи за една од најпознатите вили во археолошкиот парк во Помпеја, по 20-годишна реставрација, деновиве е отворена. Куќата им припаѓала на двајца поранешни робови што се збогатиле преку трговија со вино. Куќата ќе им понуди на посетителите извонреден поглед за тоа како се живеело во овој староримски град. Нов сјај добија фреските што тогаш биле насликани по најмодерен стил, пред градот што бил во зенитот на Римското Царство да биде затрупан од ерупцијата на Везув во 79 година од н.е. Реставрацијата на фреските, подовите и столбовите траеше 20 години.
Откривањето на обновениот дом е уште еден знак за повторното раѓање на Помпеја, што следуваше по децениското модерно бирократско запоставување, поплави и грабежи во потрага по артефакти за продажба.
– Куќата на Ветиите е всушност како на едно место да се споени историјата на Помпеја и староримското општество – изјави Габриел Зухтригел, инженерот на археолошкиот парк.
Вилата е вклучена во сите водичи на светското културно наследство на УНЕСКО и во книгите за античката уметност, како резултат на нејзините извонредни фрески и скулптурите што ја красат големата градина.
– Ја гледаме последната фаза од украсувањето на ѕидовите во тоа време во Помпеја, кое плени со неверојатни детали. Можете со часови и часови да стоите пред овие ѕидови и да откривате нови детали. Ова е спој на природа, архитектура, уметност. Но, исто така, е и приказна за животот во Помпеја и за староримскиот свет во оваа фаза од историјата – додаде тој.
По периодот кога беше затворена, кој траеше дваесет години, со делумно повторно отворање во 2016 година – ограничена на влезот на атриумот и околните области, посетителите конечно можат да ѝ се восхитуваат на Куќата на Ветиите во целата нејзина архитектонска сложеност како резултат на неодамнешните реставраторски работи.
Новиот проект за реставрација, кој започна во 2016 година, под раководство на Масимо Осана, вклучи професионалци, археолози, архитекти, реставратори, инженери, градежни инженери и експерти за градинарство. Проектот се издвојува како еден од најкомплексните за реставрација на археолошкото наследство во последните неколку децении. Се покажало особено тешко да се отстранат слоевите восок нанесени на фреските во минатото со намера да се заштитат и да се подобри нивната состојба. За жал, овој метод на реставрација се покажал како исклучително штетен и прикрил многу детали од елегантните слики, со приказ на фантастична архитектура и митолошки сцени.
Сега градбата ќе го заземе своето место уште еднаш како еден од најважните моменти при посетата на Помпеја.
Градината на перистилот, која имала сложен систем на канали за вода и мали фонтани, е обновена со копии од оригиналните статуи, вклучувајќи и уникатна статуа што го прикажува Приапус, богот на плодноста. Статуите се чуваат во изложбените површини на археолошкиот парк. Градината, исто така, има антички видови растенија одгледувани во расадникот во паркот како дел од поширокиот проект дизајниран да ги подобри историските градини и одгледувањето зелени површини на античкиот град преку партнерства со локални фармери и одгледувачи на растенија.
Ископана помеѓу 1894 и 1896 година, Куќата на Ветиите им припаѓала на двајца слободни браќа, кои се збогатиле преку трговија со вино. Прекрасните слики и скулптури во куќата, исто така, ги одразуваат богатството на територијата на Помпеја, каде што се произведувало вино за извоз низ Медитеранот, и социјалната мобилност што им овозможила на двајца поранешни робови да стигнат до повисоките ешалони на локалното општество.
Има и траги што водат до животот на сиромашните, особено просторијата што се граничи со кујната во домот на робовите, која е украсена со мали еротски слики. Собата првично била опремена со железна врата, за да се осигури дека пристапот е ограничен само на возрасни мажи. Бариерата била отстранета само неколку дена пред повторното отворање на куќата. Се претпоставува дека просторијата се користела за проституција поради откривањето натпис на левиот ѕид од предворјето (влезната сала). Натписот се однесува на жена по име Евтихис, „Гркинка со пријатни манири“. Покрај убавината на античката уметност и архитектура, ова откритие нуди извонреден увид во античкото општество и обичаите.
Куќата на Ветиите ја претставува приказната за римскиот свет затворен во една куќа, која содржи митолошки фрески и скулптури изработени од бронза и мермер со исклучителен уметнички квалитет, кои го рефлектираат сложениот однос помеѓу грчките модели и римските копии, како и економскиот и социјалниот живот на градот. Сопствениците, кои биле слободни, поранешни робови, сведочат за нивото на социјална мобилност што било незамисливо два века претходно.