Сто години од раѓањето на Џек Керуак

Џек Керуак (1922 – 1969 г.) е еден од оние американски писатели чија митологизирана биографија, од една, и славата, од друга страна, успеаја да го наткрилат во толкава мера што пошироката читателска јавност го препознава исклучиво како најистакнат претставник на таканаречената бит-генерација. Тој е автор на романот „На пат“ (1957), чиј живот прерано заврши поради компликации предизвикани од алкохол. Годинава, кога славиме 100 години од неговото раѓање, имаме една причина повеќе да се навратиме на неговиот „томасовско-дилановски“ лирски сензибилитет. Иако своето најпознато дело го напишал само за три недели, Керуак троши седум години животно искуство за да го направи тоа. Култниот роман „На пат“ ќе доживее вртоглав успех, а тој ќе биде прогласен за „крал на битниците“ против своја волја.

Рецепцијата меѓу македонските читатели

Книгата „Пат“ е преведена на македонски јазик и пред десетина години ја издаде издателството „Три“.
– Книгата е базирана на патувањата на Сал Парадајз (алтер его на Џек Керуак) заедно со неговите пријатели – нескротливите Дин Моријарти и Карло Маркс. Низ четирите дела лудо возење, Керуак кристално ја доловува филозофијата на неговата генерација и време. „На пат“ е книга за млади момци што упорно ја бараат смислата на своето постоење, често наоѓајќи ја на најнеочекуваните и нетипични места, за потоа повторно да бидат фрлени на прашливиот пат – се вели во предговорот на македонското издание.
За Керуак пишуваше и Сотир Костов во книгата „50 години Вудтсок“, што како фељтон излегуваше во „Нова Македонија“.
– Џек Керуак со своето дело и живот покажа по кои патишта ќе се движат многу генерации на западното општество во 20 век. Со своето епохално дело „На пат“, ја исцрта траекторијата на патот на младите од Америка во 1950-тите и 1960-тите години. Тој е татко на бит-генерацијата, претходниците на хипи-движењето и хипиците и, секако, еден од творците на култот на контракултурата на западната сфера. Како таков, никако не може да се собере во некои мери и фиоки на уметничкиот и општествениот живот на Америка на 1950-тите и 1960-тите години. Тој постојано беше во судир со формите и во војна со системот – напиша Костов.

Затворен во поделеноста

Клучната метафора на Керуак е „да се биде на пат“, тоа битисување ни таму ни тука, несфатливоста на просторната позиција, суштинското неприпаѓање на ниедно место. Меѓутоа, неговите патувања се обележени со постојана внатрешна поделеност, потребата да се врати дома, кај мајка си и сеќавањето за починатиот брат. Всушност, Керуак е затворен во својата поделеност, што се манифестира преку географски означениот простор. Тој се обидува да ја опфати целата повоена Америка, со акцент на родниот Ловел, па Њујорк, Сан Франциско, Калифорнија, па Мексико, Мароко, Европа, а особено Париз и Лондон.
Неговите дела покажуваат голема желба за живот слеан со природата, каде што се наоѓа цел еден свет далеку од луѓето, но блиску до ѕвездите, сонцето и месечината, каде што осаменоста, како што вели, „станува најдобро друштво“. Со текот на времето доаѓа до онаа точка на агонијата кога не може да биде ни сам ни со луѓе.

Актуелен и денес

Интересно е дека во САД духот на Џек Керуак како повторно да воскресна. Некои тоа го објаснуваат со 100-годишнината од неговото раѓање, а други со постпандемиското заживување на духовноста. Керуак останува присутен во популарната култура како малкумина други автори: неговото лице неодамна се појавува и на дуксерите на модната куќа „Кристијан Диор“, а еден од нив носи и актерот Бенедикт Камбербач. Неговата книга „Дарма на скитникот“ се прикажува во ТВ-шоуто на Тед Ласо. Еден британскиот рок-бенд во 1975 година го избра своето име од случајните чкртаници на задната страница на книгата „На пат“ (1 јуни 1975 година).
Обновениот интерес за Керуак сугерира постпандемиско заживување на духот на Битник – за отфрлање на оковите на конвенцијата. Можеби една од причините за неговата актуелност е и тоа што Керуак отворено ги истражувал полот, сексуалноста и чудотворноста во својата работа во време кога тоа било многу ретко.
– Не бев уплашен, бев едноставно некој друг, некој странец, а целиот мој живот беше проколнат живот, живот на дух – пишува Керуак во „На пат“. М.Т.