Дискусија по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик
По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, во Националната опера и балет, во организација на Министерството за култура, се одржа панел-дискусија за афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Низ квалитетен и разновиден разговор, стана збор за повеќе теми поврзани со заштитата и афирмацијата на јазикот.
Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, се осврна на посебноста и убавината на македонскиот јазик и додаде дека се чувствува најбогато и најсилно кога својата мисла ја соопштува на македонски јазик. Македонскиот јазик е стандардизиран во 1945 година, но низ историјата, како што рече Мојсова-Чепишевска, нашите творци, како Ѓорѓија Пулевски, Кочо Рацин, Коле Неделковски и многу други, создавале бидејќи чувствувале дека се најсилни кога својата естетика што со себе ја носеле, најдобро ја искажуваат на својот македонски јазик, на јазикот што го добиле од своите родители.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, меѓу другото, се осврна на проектот за целосна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик, преку кој, како што кажа, во една година се заштитија пет милиони ливчиња пишувани рачно, на машина за пишување, со индиго, со шапирограф, а во поново време на компјутер.
– Познавачите велат дека материјалите се заштитени и зачувани за следните 500 години. Овие материјали се одлична основа за брза и квалитетна изработка на корпус на македонскиот јазик, за изработка на разни речници, меѓу кои и на етимолошки речник, кој почна да се изработува во Институтот за македонски јазик.
Од овие картотеки се објавија повеќе речници, меѓу нив Толковниот речник на македонскиот јазик и двата тома од Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција. Преку дигитализацијата е заштитена и валоризирана работата на научниот кадар во Институтот за македонски јазик во минатите 70 години – рече Јованова-Грујовска.
Наташа Аврамоска, директорка на Институтот за македонска литература, коментирајќи ја познатата сентенција на Блаже Конески: „Јазикот ни е единствена неподелена татковина“, додаде дека тоа може да се толкува во контекстот на историската, но и денес присутната распространетост на македонските дијалекти и надвор од границите на денешната територија на Македонија. На овие дијалекти, како што нагласи таа, се испеани вонредни стихови и во современата македонска поезија, кои нѐ опоменуваат дека не смееме да ги оставаме зад нас и дека со особена грижа треба да се заложиме за правото нашите сонародници и отаде границите да го изучуваат сопствениот јазик.
– Мајчиниот јазик е, пред сѐ, уметност на зборот, симболички универзум на древни, со векови пренесувани песни и приказни, легенди, поговорки, игрозборки (…) во кои се изразени нашите верувања, вредности и историски премрежиња. Правото на мајчин јазик е право на приказните што тој ги кажува. Врз нив ги преиспишуваме приказните на денешницата и го трасираме патот кон утре. Во поткрепа на ова, достасува денес да ја довикаме виртуозноста на Горан Стефановски – додаде Аврамоска.
Претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, на прашањето дали Македонците и македонистите често се чувствуваат како Дон Кихот, како некој што се бори со ветерници, истакна дека како Македонец и македонист, не се чувствува како Дон Кихот.
– Романот „Дон Кихот“ на Мигел де Сервантес е создаден со цел да ги исмее рицарските романи, многу популарни во 17 век во Шпанија, за да покаже дека тие се лажни и не ја одразуваат вистината. Ние македонистите, ние лингвистите, го изучуваме македонскиот јазик кој е вистински и кој има своја длабока историја, ги има своите почетоци длабоко во средниот век, а потоа преку 19 век, се еманципира во 20 век и станува литературен/стандарден јазик на македонската нација и на македонската држава – рече Спасов.
Тој додаде дека многу е потребна национална стратегија за македонскиот јазик, а не се согласи, како што рече, со некои мислења дека таква стратегија сме немале досега.
– Ако сме ја немале, тогаш ќе ги немавме огромните томови книги и други материјали посветени на македонскиот јазик. Но, сега, во 21 век, неопходна е национална стратегија посветена на улогата на македонскиот јазик во ЕУ, во НАТО и во другите современи интеграции – додаде претседателот на Советот за македонски јазик.
В.Д.