Фото: Ема Беднарж

Неодамна таа ја приреди и препеа на српски антологијата „Избор из савремене македонске поезије“, во која се застапени 22 македонски поети и поетеси. Пред македонската публика беше промовирана вчера, во рамките на третото издание на „Скопски поетски фестивал“

Валентина Бакти, поетеса и актерка од Србија

Валентина Бахти (Прокупље, 1995) е поетеса, преведувачка, актерка и фотографка. Нејзината прва двојазична книга поезија, „Помеѓу“ ја објави издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, а втората, „Да се скршат коските“, издавачката куќа „Дибидус“ од Белград. Таа е еден од организаторите на „Скопски поетски фестивал“, а ги уредува и списанијата за книжевност и култура „Астронаут“ (astronaut.ba) и „Блудни стих“ (bludnistih.com).
Неодамна таа ја приреди и препеа на српски антологијата „Избор из савремене македонске поезије“, во која се застапени 22 македонски поети и поетеси, меѓу кои се најдоа: Јовица Ивановски, Ѓоко Здравески, Долорес Атанасова-Лори, Никола Маџиров, Тони Попов, Владимир Мартиновски, Николина Андова Шопова, Ана Голејшка Џикова и многу други.
За антологијата беа направени и посебни фотографии, кои ги изработи фотографката Радмила Ванковска, а до секој автор во книгата е поставен и кјуар-код, кој води до видео на кое може да се види самиот автор.
Промоцијата на антологијата се случи во јуни во Белград и имаше одличен прием кај српската публика. Пред македонската публика беше промовирана вчера, во рамките на третото издание на „Скопски поетски фестивал“.

Направивте исклучително моќна антологија од современи македонски автори. Што ве поттикна на таков чекор? Врз која основа ги одбравте авторите?
– Сакав да се отвори простор и да се препознаат моите омилени македонски поети, а подоцна да се објават и нивни самостојни збирки. Секако, од направениот избор не ми се сите омилени, ама се важни за да се најдат таму.
Жал ми што во изборот го изоставив Васко Марковски, затоа што е исклучителен уметник и човек.
Изборот што го направив е нешто што на сите ни годи и за што мислиме дека е вредно да се вложат многу љубов и многу време.
Македонската поезија во превод на српски јазик најде своја публика во Белград, се читаше на „Вазда било“, на „Стихотерапија“, ама и со години ја читаме на „Астронаут“, „Блудни стих“, „Енклава“…
Се препозна сензибилитетот на авторите, кој ѝ е многу близок на нашата публика, како поради поднебјето така и поради сличната поетска традиција и современите трендови.

Постери, плакати, а и голем медиумски интерес предизвика оваа антологија во Србија. Нешто што ретко се случува за антологија, особено за антологија со автори од друга земја. На што се должи тоа?
– На тој начин одбрав да ја претставам македонската поезија и за тоа добив поддршка од моите одлични соработници и пријатели. Преостанатото беше на публиката, да (нѐ) препознае.

Што е за вас квалитетен поет?
– Квалитетниот поет мора да биде и квалитетен човек. Некој како што се Владимир Мартиновски и Тони Попов.

Многу добро ја познавате македонската култура, особено македонската поетска сцена. Кога би направиле паралела меѓу двете, што е она што ни недостига, а со што би можеле да се „пофалиме“?
– Природноста и текот на јазикот се нешто што секогаш би го пофалила, кога се умее пред/по јазикот да остане тишина. Она што често недостига во тој говор е уважување токму на истото тоа.

Што значи за човекот да биде „помеѓу“?
– Помеѓу е неприфаќање на сегашноста.

Кога е добро ако некој ни ги скрши срцето, умот, коските…?
– Добро е ако тој некој сме ние самите. Секако, тоа не е доволно, затоа што во секој однос што го градиме со луѓето не сме сами. Добро е кога знаеме што е наше во однос на она што ни го оставиле другите.


„Скопски поетски фестивал“ заврши со интернационално читање

Со интернационално поетско читање заврши третото издание на „Скопски поетски фестивал“. Публиката имаше можност да ги чуе Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Николина Андова Шопова (Македонија), Драгослав Дедовиќ (Србија) и Ален Брлек (Хрватска).
Во текот на денот можеше да се видат и неколку поетски филма, да се погледне изложбата на фотографии од фотографката Радмила Ванковска, а се одржа и промоција на антологијата „Избор из савремене македонске поезије“.
Изминативе неколку дена, покрај странските гости, можеа да се чујат и педесетина македонски поети и поетеси, како и музички концерт, мастерклас или работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство, а секое утро се одржуваше и јога во природа со поетска медитација.
Годинешното мото на фестивалот беше „Воздух. Ветер. Дишење.“.