Изложба омаж посветена на Миле Корубин, во рамките на програмата за одбележување на јубилејот 75 години постоење, е отворена во „Чифте-амам“. Оваа ретроспективна јубилејна изложба на Корубин ја отворија директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и Кирил Пенушлиски, историчар на уметноста. Изложбата ќе биде достапна за публиката до 27 октомври.
Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин (роден на 28 септември 1922 година во Прилеп, а починал на 13 септември 2000 година во Скопје), еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се базични поводи преку кои Националната галерија, како институција што седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања.
– Значаен сегмент, наедно и присутен во сите фази на неговото творештво, е сензуалноста што зрачи од женските фигури и портрети и произлегува од интимното доживување на еротизмот како „раздвижувачка сила на човековиот дух“. Сместени повторно во лирски метафизички недефиниран простор, овие стилизирани и идеализирани женски претстави (портрети и актови) ја сугерираат вечната потрага по убавото, испреплетувајќи го притоа реалното со имагинарното во третманот на фигурата и просторот. Фигурите, третирани без карактеристични физиономски одлики, добиваат своевидна митолошка конотација, раскажувајќи една суптилна приказна за вонвременската архетипска претстава за жената. Оттука, меката заоблена линија што го обликува женското тело, поставено слободно во метафизички обоениот простор со широки контрастни плохи, наедно и го издвојува од истиот тој станувајќи носечки елемент што го следиме и во понатамошните фази – велат кураторките на изложбата, Маја Неделкоска Брзанова и Маја Чанкуловска Михајловска.
Според нив, временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, наедно и педагози.