По пет години од светската премиера и освојувањето на светската публика, „Македонисимо“, животниот проект на маестро Симон Трпчески, имаше претставување дома. И настапот дома, како што истакна Трпчески, ја обележи 2022 година. „Македонисимо“ достоинствено ги покажува нашите корени, нѐ презентира во светот и, сам по себе, останува како едно ремек-дело во аналите на светската музичка историја

Симон Трпчески, пијанист

Годинава македонската публика имаше чест премиерно да ужива во звуците на „Македонисимо“ и си го остваривте детскиот сон да настапите во селото на вашиот татко, струшко Збажди. Какво беше чувството да се настапи пред домашната публика?
– Секако дека чувството да се настапи пред домашната публика е секогаш специфично. Oд една страна, измешано поради одговорноста дека настапуваш пред својот народ, за некои луѓе тука се и тремата и возбудата, но, од друга страна, е чисто. Специфичноста си е на највисоко ниво кога станува збор за еден ваков тип на проект како „Македонисимо“ и негово изведување во најавтентичното опкружување, во кое било село во Македонија, затоа што тука се изнедрува целата македонска музика. Тоа што одбрав да ја направам претпремиерата во селото Збажди на татко ми, на планината Караорман, е само еден природен потег, затоа што таму сум го поминал детството, сум ја согледал големината, важноста, длабочината на врската меѓу селото и целото тоа опкружување што јас сум го доживувал и самиот проект и музичкиот материјал што доаѓа од македонскиот народ. Така што чувството не се опишува, се случуваше магија. Нам, како музичари, ни ги пречекори очекувањата, но и на самата публика, немаше ништо друго освен чиста љубов од сите страни.

„Македонисимо“ никого не остави рамнодушен. Опишан е како вонвременско музичко патешествие. Какво наследство сакавте да оставите со ова вашето дело? И дали навистина ова е ваш животен музички проект?
– Па, точно, ова е еден од моите животни музички проекти. Гледајќи на себе како личност генерално и како сум пораснат во духот на македонската народна песна и оро, ова е еден природен пат. Затоа што кога човек е пораснат со тоа, кога ги има тие способности, ќе се потруди да го изнесе на виделина нештото што му врие внатре. Така што со многу љубов и почит влегов во овој проект кога почнав да го обмислувам во главата, во период што траеше четири години. Фактот што поминаа пет години за „Македонисимо“ да си дојде дома е тажен, меѓутоа го оставаме тоа настрана. Едноставно ќе ја гледаме позитивата, дека сепак „Македонисимо“ си дојде дома на еден фантастичен начин. Сето она што го носи со себе овој проект, еден софистициран приод кон македонската народна музика, кон нашето битие, е едно уметничко дело на највисоко можно ниво, кое достоинствено ги покажува нашите корени, нѐ презентира во светот и, само по себе, останува како едно ремек-дело во аналите на светската музичка историја.
На голем број места низ светот ја промовиравте македонската музика. Како реагира публиката на Балканот, а како низ светот?
– Секогаш се трудам да ја претставам македонската музика низ светот аналогно на моментот, пригодата. Во светот реагираат многу искрено, поради тоа што им е нешто многу поинакво. Затоа што иако на Запад постојано одат на концерти, немале многу можност да бидат во допир со вакви ритми и ваков тип мелос. А другиот дел што ги изненадува е како се тие обработени, како звучат многу повеќе од модерно. На Балканот, во секој случај, реагираат одлично, поради тоа што Балканот сам по себе има сличности во тој тип музика и култура. Дури и поголема одговорност е да се свири на Балканот, баш поради таа сличност и поголемото знаење на публиката очекувањата може да им се поголеми. Сум настапувал во Србија, Романија, Словенија, Црна Гора и други земји. Генерално, впечатокот за македонската народна музика во ваков тип обработки на светот му изгледа егзотично. Знаат да ги почувствуваат квалитетот и магијата со која е пренесено сето тоа.
Успеавте да создадете над 20 години успешна светска кариера. На што му го припишувате успехот?
– Успехот им се припишува на повеќе нешта, меѓутоа ако некој човек е способен за нешто, има талент, секако дека тој треба доста да работи и да го сака тоа што го одбрал. Насочувањата се исклучително важни, особено ако се случуваат по природен пат. Ако го одбере она што го исполнува, треба да работи, работата го краси човека, не го гнаси, особено ако е во вистинскиот правец. И не само за лично туку и за општо добро, тоа е нешто што Македонците не го сфатија со години, за жал. Но, како и да е, се разбира дека човекот не живее сам и ако нема поддршка од најблиските и од одредени луѓе што ги запознава во текот на животот, успехот нема сам да дојде тукутака. Мојот успех се должи не само лично, туку и благодарение на моето семејство, сето образование што сум го добил во Македонија, луѓе што искрено помагале, особено на почетоците. Како што велеше татко ми, на петте луѓе на почетокот, кои можеле да се избројат на рака. што ми помагале кога најмогу требало. И понатаму успехот се гради, се надградува цело време, што не е толку лесно во оваа професија. И менаџментот е важен, во поглед на луѓе, визија, свест, општествена одговорност, претставници на одредени институции, компании што знаат да препознаат квалитет и да го поддржат. Еве, годинава „Македонисимо“ се случи само со помош на компании што покажаа свест за тоа, исклучиво со спонзори. И тоа е дел од успехот. Многу работев, работам и сѐ уште и ќе работам, и за празниците, и не се жалам од тоа. Важно е и лансирањето во круговите што овозможуваат почести настапи, споделување на она што човекот го работи со многу луѓе, запознавање квалитетни луѓе, разни култури, на убавините во светот. Мислам дека човекот само треба да е свесен дека времето лета и многу малку фали за да си ја чукне главата и да направи нешто малку за да си помогне многу и сите да живеат поубаво.
Умеат ли новите места да бидат инспирација за поспектакуларен настап?
– Новите места секако секогаш се нов предизвик, нова возбуда, би рекол. Јас сум човек што сака нови места, сака нешто повеќе, бара нешто повеќе од себе. Би сакал да свирам во Африка, во Гренланд, Северна Кореја, Јужна Америка, Алјаска. Се надевам дека мојата класична музика ќе допре и до други места. Се трудам „Македонисимо“да го промовирам секаде каде што можам. Да беше малку поинаку поставен системот во Македонија, ќе беше многу подалеку. Но животот е борба и одиме понатаму, секогаш ќе се трудам да ја ширам нашата музика.
Британски „Грамофон“ го вброи компакт-дискот „Варијации“ меѓу најдобрите солистички пијано-албуми на годината. И ваквите признанија и епитети одржуваат конзистентност. Кои награди особено ве радуваат?
– Да, „Грамофон“, меѓу другото, и мојата изведба на Бетовен што е на истиот албум ја прогласи за најдобра изведба на годината. Многу ми значи, затоа што овој албум некако на сосема природен начин доби неколку признанија од неколку страни, престижни магазини и портали во Европа. Така што, знаејќи дека овој албум носи материјал што го држев во раце десет месеци постојано поради фактот што живеевме во ковид, ми беше предизвик, затоа што никогаш досега ги немав свирено Бетовен и Моцарт. И во една прекрасна зимска идила, во февруари 2021, отидов во Берлин, со тешки протоколи за движење. Успеав за ден и половина да го снимам албумот. Просто не ми се верува. Но од оваа временска дистанца, откако излезе албумот, сѐ до ова признание годинава, навистина многу ми е мило што покажа дека вербата може да победи. Важни ми се и признанијата што доаѓаат од народот, како „бубамара“, како маж на годината… Меѓутоа најголемата награда е кога ќе ја видите среќата на публиката. Како во Скопје, во Збажди, Штип, Битола, тоа конкретно за мене е најголема награда. Се разбира, голема награда ми е среќата на публиката и воопшто низ светот, кога гледам со каков ентузијазам ме примаат. Ми беше мило да видам на кој начин беше примена и ќерка ми Лара од публиката на „Детската евровизија“, како е прифатена песната. Убаво е да се види како народот е среќен од тоа што се споделува со него. Кога веќе даруваш љубов со она што го правиш, нема поубаво од тоа да ти се врати со љубов.
Секоја година бележите врвни успеси… Но, еве, на крајот од годинавa, кој момент остана да трепка со задебелени букви?
– Па, несомнено „Македонисимо“ дома ја обележи годината меѓу многуте убави настани што се случија. Јас сум пресреќен поради тоа. Затоа што знам што сѐ лежи зад целосниот проект и организацијата на овие концерти. Мене многу ме радува што во ваквите тешки моменти што Македонците сами си ги направија, нашето постоење да го стават под прашање, народот на овие концерти беше среќен. Колку и да беше изненаден од одреден тип храброст што во едни вакви времиња се случува нешто вакво, тоа му дава сила, моќ, надеж дека не е сѐ изгубено, дека има луѓе што исто така како нив, колку и да се плашеле да го искажат тоа, постојат во земјава, си ја сакаат и не ги заборавиле нештата што одредени големци ги заборавиле.
Лично мојата година беше обележена со многу убави нешта, концерти низ светот и Европа, Америка, Австралија, Сиднеј симфони, сето тоа ме прави среќен. А како за крај на годината беше и учеството на мојата ќерка Лара на „Детската евровизија, како претставничка на Македонија. Лара беше еден вид јаготка на шлагот.
Какви песни ви го топлат домот околу новогодишните празници?
– Новогодишните празници се секако убав период за сите, а дома кај нас се пушта најразновидна музика. Се разбира, македонската народна музика во достојни изведби е секогаш присутна кај нас во домот. Исто така и македонската поп-музика, како и светската поп-музика. Во случајов, во овој период убава атмосфера прават и оние песни што создаваат релаксирана атмосфера и чувства, поврзани со новогодишна тематика. Разновидно ни е обоен домот музички.
Идни провокации? Во што следно ја инвестирате вашата креативност?
– Музиката ми е провокација. Затоа што еден живот е малку да се направи сето она што човек би сакал да го искуси во вселената бесконечна музика и тука музиката се поврзува со сето она што е животот. Животот исто така е предизвик и провокација за разни други креативни достигнувања. Еве, и оваа година ќе биде исполнета со огромен нов проект со музиката на Јоханес Брамс. Се надевам на уште некое преставување на „Македонисимо“ во Македонија, се разбира и во светот. А во светот тоа ќе биде голема провокација и за нас и за светот, за светската премиера за оркестарската верзија за квинтет и оркестар на „Македонисимо“ во престижната сала „Мјузик фрајн“ во Виена на 2 март. Работам на уште еден убав проект, кој се надевам дека ќе го остварам, повторно поврзан со младите поколенија. Само здравје, сѐ друго се остварува.
Ви посакувам и вам и на вашите читатели, на столбот на македонското милје новинарско и медиумско, „Нова Македонија“, која исклучително ја почитувам, многу здравје и верба во себе и љубов кон својата земја и незаборавање на своите корени. И сплотеност, заедништво, затоа што само на тој начин може да се опстои.