Здружението „Менелај“ – Прилеп, во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп, ја публикуваше монографијата „Поствизантиските претстави на Страшниот суд на територијата на Р Македонија“ од д-р Александар Василески. Станува збор за исцрпна и заокружена студија на македонските илустрации на Страшниот суд што настанале во периодот од 15 до 18 век.
Од „Менелај“ објаснуваат дека студијата претставува тематска целина, ретка во византолошката библиографија, во која монографски е третирана ликовноста на поствизантиските илустрации на Страшниот суд, која се вбројува меѓу најкомплексните теми во источнохристијанската уметност.
– Во монографијата, покрај темелните анализи на иконографските карактеристики и нивната семиотичка интерпретација на збирката ѕидни илустрации на второто Христово доаѓање, научно се промислени и социополитичките фактори што влијаеле врз еволуцијата на ликовноста на Страшниот суд во византискиот и поствизантискиот период. Голем дел од обработените претстави ја доживува својата прва научна евалуација токму во ова дело, проследено со богат илустрациски материјал – додаваат од „Менелај“. Ka.M.