Во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул, Турција, е отворена изложбата на Беди Ибрахим со наслов „Мојот дневник“. Творештвото на Беди Ибрахим во изминативе децении сведочи за импресивно мултимедијално творештво, каде што се присутни основната идеја и мотив за концептот на неговите преокупации и личниот уметнички ракопис. Тој твори во различни медиуми и изразни ликовни дисциплини (цртеж, колаж, скулптура, слики-објекти, видео, инсталација…), кои се само алатка на визуализација на концептуалните идеи за себерефлектирањето каде што визуелниот мотив во концептуалниот уметнички дискурс станува метајазик или визуелен текст преку кои ги разјаснува своите мисли за уметноста како неограничен и бескраен простор на изразување, носи со себе автентичност што е сублимат на автохтон – творечки транскрипт. Тој уметнички концепт е всушност емпириски багаж што како непрекината нула и круг го изодуваме по беспаќата на еден, веќе во голема мера артифициелен свет.
– Во „Мојот дневник“ уметникот одредува сопствена игра на чепкање по личните доживувања, настани и сеќавања и извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба всушност претставува „ослободување“ на котвата што го држи минатото и пловењето кон иднината. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија – се вели во текстот од каталогот.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини (Птици, Гнездо, Порти…) присутни во творештвото на Беди Ибрахим, чиј меѓусебен однос сочинува присоединување на микронаративите, кои создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител означен од авторот – „Мојот дневник“.
– Беди со необична смелост им пристапува на вечните дилеми што ги прогонуваат уметниците, едната од нив е онаа: како е возможно да се репродуцира, на една површина, со молив или четкичка, глетка што стои пред нас? Тие лирични замрзнати глетки што зрачат со топлина и хармонија, приказни затворени во две димензии, како некој шепот да излегува од нив, ни раскажуваат овие слики некакви приказни што ни се од некаде познати, ни зборуваат за нешто што сме виделе или само насетуваме. Иако можеме да ги прифатиме и како наши, тоа се сепак премногу лични приказни раскажани од Беди, автентични и препознатливи, само негови… И на крајот, базична цел во „Мојот дневник“ на Беди Ибрахим е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување на сопствената историја и нејзино естетско визуелно вообличување, како чин на себе спознанието – стои во соопштението од „Колектив“.