Секогаш започнувам од почеток, секоја идеја, без разлика на кој начин се отелотворува, минува низ долг мисловен процес што резултира со некаков проект, но и не мора. Некогаш работите остануваат недовршени, отворени. Мисловниот творечки процес ми е повозбудлив од самото дело. Процесот е мој, делото им припаѓа на другите, вели Јованов, кој ќе ја има својата прва изложба на цртежи на 27 март во „СК02“ (поранешен „Џубокс“)
Љупчо Јованов, архитект, сценограф, автор
Ја најавувате своја прва изложба на цртежи. Каде ќе се случи, како е насловена изложбата и што ќе содржи?
– Искрено, овој настан не го гледам како изложба, туку како повод да се соберат на едно место блиски и далечни драги луѓе, како и да се запознаат некои што не се запознале. Ретки се и убави тие моменти, а за да се случи тоа, потребни се некакво место и време. Местото е „СК02“ (поранешен „Џубокс“), а времето е 27 март. Овој повод (изложба) е насловен „3х3“ и ќе содржи девет цртежи (туш на хамер).
Зошто токму „3х3“? Дали оваа бројка носи и некое симболично значење, дали е алузија на нешто?
– Три теми, секоја тема претставена со три цртежи, 3х3=9, тоа е краткиот опис. Секако дека оваа бројка има во себе симболично значење и е алузија на нешто, мора да е така, според мене. Но таа симболика и алузија што за мене има некакво значење, за другите можеби е банална или неважна. Затоа мислам дека секој треба да си го пронајде својот симбол, а доколку го пронајде, да го зачува за себе, нека си создаде своја алузија. Инаку, станува збор за два спротивни принципи што резултираат со некакво решение или одговор. За мене тие два принципи, машки и женски (секој претставен со три цртежи), треба да доведат до некакво изедначување, израмнување (претставено со три цртежи). Мислам дека ова израмнување или математички кажано изедначување е клучот на проблемот 3х3=9, сите го знаеме тоа од моментот кога сме се запознале со математиката, но за мене овој знак на еднаквост, две паралелни хоризонтални линии ми е фасцинантен, од една страна никој не го забележува, секој знае дека мора да е таму, но тој знак ја има моќта две сосема спротивни и навидум различни работи да ги изедначи, да ги помири. Можеби тоа е идејата на 3х3.
Со оваа изложба ги правите своите први чекори во ликовната уметност, иако долги години се занимавате со креативна работа. Како се случи овој творечки исчекор?
– Можеби се случил, но не сум го забележал. Откога почнав да студирам архитектура цртам, и тоа најчесто беше туш на хамер. Започнав со точка што стана линија, таа линија потоа стана површина, а површината набргу стана тело. Се надевам дека повторно ќе се вратам на точката, за да се заокружи целината. Точка во круг.
Архитект, сценограф, костимограф, дизајнер, писател, професор… Во која од овие професии или определби се чувствувате најкомотно? А која можеби најмногу ви ја предизвикува имагинацијата?
– Најкомотно се чувствувам дома, сите горенаведени професии или определби се само мал дел од мене, мислам дека повеќе од тоа сум родител, сопруг, син, брат, вујко, пријател итн.
Дали ликовната уметност сега ја сметате за своевиден излез од (ако може така да се нарече вашата досегашна работа) комфорна зона?
– Не. Таа е само поинаква манифестација, поинаков медиум преку кој се искажувам. Во работата што ја работам не постои т.н. комфорна зона, секој нов проект, дело е нов предизвик, нова земја. Секогаш започнувам од почеток, секоја идеја, без разлика на кој начин се отелотворува, минува низ долг мисловен процес што резултира со некаков проект, но и не мора. Некогаш работите остануваат недовршени, отворени. Мене мисловниот творечки процес ми е повозбудлив од самото дело. Процесот е мој, делото им припаѓа на другите.
Работите ли на нешто друго во моментов, сценографија во театар, книжевно дело…?
– Во моментов работам на театарската претстава „Хенгинг араунд“ во Македонскиот народен театар. Текстот е мој, како и сценографското и костимографското решение. Кога работиш со креативни луѓе, а такви се сите што учествуваат во претставата, сеедно ти е каков ќе испадне крајниот производ, зашто ќе испадне.
Колку ве исполнува работата на „Американ колеџ“? Што ви е најважно да им пренесете на вашите студенти, покрај формалното знаење?
– На „Американ колеџ“ работам како професор на Факултетот за архитектура и дизајн и можеби покрај формалното знаење, поважно ми е да им го пренесам неформалното знаење, она знаење што е вткаено во секоја професија, а за кое никој не ве учи, зашто не сте платени за тоа. Тоа е знаење за човечноста и достоинството.