Меѓународното биенале за визуелни уметности „Остен биенале“ воведува некои новини и ја споделува одлуката на Советот на амбасадори за главните награди на биеналето во 2024 година. Добитник на гран при за животно остварување е Микеланџело Пистолето, италијански уметник (сликар, уметнички акции, објекти) и теоретичар, еден од основачите и главен протагонист на „Арте повера“, радикално италијанско уметничко движење од минатиот век, чии уметници истражуваа низа неконвенционални процеси и примена на нетрадиционални „секојдневни“ материјали.
Наградата „Светско културно наследство“ му се доделува на Вангел Наумовски, еден од најголемите македонски ликовни уметници, кого теоретичарите го вбројуваат во редот на самоуките надреалистички сликари – сосема пригодно да му се оддаде почит на неговото творештво по повод стогодишнината од неговото раѓање (1924-2006) и стогодишнината од надреализмот (1924-2024).
На „Остен биеналето“ земја во фокус ќе биде Италија.
– Веќе сме во соработка со Лина Дамиани, координаторка за Италија што ќе анимира италијански уметници, а соодветна најава на оваа одлука е организирање на изложбата „Тркало на времето“ од извонредниот италијански уметник Марко Бањоли, која „Остен“ ја организира во Националната галерија на Македонија „Чифте-амам“ од 23 април до 5 мај, во соработка со својот партнер „Зеринтија“, асоцијација за современа уметност од Рим, а со поддршка на Италијанскиот институт за култура и Италијанската амбасада Скопје – вели Корнелија Конеска од „Остен“.
Најавната програма на биеналето веќе се одвива во галеријата „Остен“, како и отворениот повик на кој уметниците од целиот свет ќе можат да се пријават до 31 мај. Потоа ќе следуваат селекција (селекторка Корнелија Конеска, Македонија) и жирирање од меѓународно жири во состав: Бруно Кора, Италија (претседател) – истакната личност во светот на уметноста, познат по својот придонес како критичар, автор и едукатор уште од 1960-тите, куратор на голем број уметнички биеналиња и изложби, вклучувајќи и на Алберто Бури, Ив Клајн, Лусио Фонтана, Микеланџело Пистолето и многу други; Пик Кеобандит, Белгија (член на жири), основач и директор на организацијата „Инспиративна култура“ од Брисел, организација за уметност и културна дипломатија, главен уредник на списанието „Таргет глобал“; Маја Колариќ, Србија (член на жири) – историчарка на уметност и кураторка, директорка на Музејот на современата уметност во Белград.
Официјалната изложба и врачувањето на наградите традиционално ќе се одржат во „Чифте-амам“ на почетокот на 2025 година.


– Од годинава „Остен биенале“ започнува со проширена уметничка програма, која ќе се одвива во „Чифте-амам“ паралелно со официјалната изложба на почетокот на 2025 година, а во коорганизација со нашиот стратегиски партнер „Окса проекти“ и претседателката на организацијата, Оксана Ж. Бого, со кои веќе сме соработувале на меѓународни проекти како што беше изложбата „Уметноста го обединува светот“, која се одржа од 20 мај до 24 јуни лани, Уметничкиот форум „Исток-Запад“ што се одржа за време на отворањето на Бриселскиот саем за уметност на 26 јануари 2024 година и други проекти. Ја продолжуваме нашата соработка како партнери на програмските активности на биеналето. Веќе работиме на обезбедување на изведбата на мултимедијалниот проект „Шопен резонанца“, со меѓународни уметници, музичари и автори, куриран од Пик Кеобандит. Овој проект го има својот почеток како сателитски настан на новиот европски „Баухаус фестивал“ (ЕУ комисија) во април и ќе има меѓународна турнеја со следна станица – Париз. Нашата цел е да донесеме парче од светската уметничка сцена со квалитетни и оригинални проекти во Скопје – најавуваат од „Остен“.