Од светското кино
Нели тукушто ја изгубила својата баба и им помага на родителите да го исчистат домот во кој живеела нејзината мајка. Таа ја истражува куќата, како и околните шуми. Еден ден запознава девојка на нејзина возраст што гради куќа од дрва… Со францускиот филм „Малечката мама“, режисерката, која истовремено е и сценаристка, Селин Скиама, се враќа во царството на детството, овој пат со помош на уред што ги зближува генерациите, па, оттука, филмот влегува и во категоријата на фантазија.
– Дај ми дете до седум години, а јас ќе ти го покажам човекот – изјавил своевремено Аристотел, на што француската режисерка и феминистка Селин Скиама може жестоко да додаде: „Дај ми жена и ќе ти го покажам слободниот, нескршен дух што таа го има на осумгодишна возраст“.
Направен во текот на есента 2020 година, додека пандемијата сè уште ја ограничуваше филмската продукција, овој 72-минутен филм ја прикажува врската помеѓу осумгодишното девојче Нели и нејзината мајка Марион преку едноставен скок во фантазијата. Во потрага по куќата од дрва што ја изградила нејзината мајка кога Марион била на нејзина возраст, Нели ја открива осумгодишната Марион (која е, всушност, нејзината мајка кога била мала). Тука веднаш се поставува прашањето какви биле нашите родители кога биле деца.
Одговорот го дава „Малечката мама“, преку магијата што овозможува повторно обединување, макар и само во нашата имагинација.
Филмот досега има освоени шест награди и 30 номинации, а последно е номиниран е и за наградите „бафта“. Скиама стана фаворит на квир-публиката, како и меѓународно почитувана авторка со филмот „Портрет на дама во пламен“ од 2019 година.