Денес во Пустец, Мала Преспа, Албанија започнува Македонско културно лето, фестивал кој ја промовира и слави македонската култура и фолклор пред Македонците од овој крај.
Фестивалот кој слави јубилеј – 20 години, ќе трае 5 дена, а свечено отворање ќе биде вечер во 19 часот.

На фестивалот ќе гостуваат театарски групи и музичари од Македонија и фолкорна група од Мала Преспа. Битолскиот театар ќе ја изведе претставата Снежана и седумте џуџиња за македонските деца од Мала Преспа кои со театарска уметност во живо низ годините се среќаваа само благодарение на гостувањата на театарските групи од Македонија.
Во 20.30 часот на програмата е концерт на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“.

Непопсредно пред фестивалот Претседателката Гордана Силјановска Давкова го покани организаторот на фестивалот Едмонд Сотир за да му изрази поодршка.

– Честитки за дведеценискиот јубилеј. Подготвена сум да најдам модул за оддавање признание на фестивалот за посебен придонес во промоцијата на македонската култура во странство – истакна Силјановска Давкова

– Фестивалот е исклучително важен, не само за Македонците коишто живеат во Албанија, туку и за сите Македонци каде и да се. Со него, и покрај сите предизвици на македонското малцинство во Албанија, се негува македонската традиција, култура и идентитет, надвор од границите на државата – додаде претседателката Силјановска Давкова.

Свченото затворање е предвидено за 5 јули во 14 часот со настап на ансамблот „Преспа“ на сцената во „Остров Мал Град“.

Настанот се одржува со поддршка на Министерството за култура на Македонија

С.Р.