Јован Ристовски, режисер
„Улаф сте?“ е насловот на првата професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик за љубителите на театарската уметност. Претставата ги обработува проблемите на младите и фактот дека населението се иселува од државата. Приказната се раскажува низ призма на глувонемата заедница, во која актерите во име на глувите лица без цензура ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива група. Режисер на претставата е Јован Ристовски. А улогите ги играат Наталија Ристеска, Кристијан Танчевски, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илијевски, Сандра Грибовска, Никола Пројчевски. Соработник за знаковен јазик е Мартин Ангелов.
Претставата е во продукција на ATO, центар за современа уметност и култура.
Како потекна идејата за оваа претстава?
– Сосема случајно. Кога бевме на гостување во Охрид со детската претстава „Три“ на знаковен јазик уште во 2021 година, во публиката присуствуваа возрасни глуви лица, кои беа специјално поканети, тие едноставно нѐ замолија, ако можеме, да направиме претстава на знаковен јазик за возрасни лица. По година и пол, тоа и го направив. Заедно со екипата на претставата „Улаф сте?“ направивме храбра, искрена, емотивна, топла претстава. Реакциите на секоја публика што ја гледаше претставата се убави, сите до еден во публиката на многупати доживуваат театарска катарза. Некои од колегите отворено ни честитаат дека сме направиле ремек-дело и дека испишуваме сериозна театарска историја. Воопшто немав никакви амбиции, само едноставно со многу волја и љубов работевме со цела екипа. Прекрасен процес, премногу добри атрибути, добри критики и сериозни честитки добивме од сите. И сѐ уште не можам да поверувам дека сме направиле добра претстава што ќе остане во историјата. Ние сме среќни луѓе. Сите чувствуваме благородност што умешно и мајсторски ги споивме светот на тишината и светот на слушателите.
Како одговорија актерите на предизвикот и без кого оваа идеја ќе беше незамислива за реализација?
– Актерите и сите други соработници научија на уште подобро ниво да го владеат македонскиот знаковен јазик. Можам да разговарам најнормално со глуво лице. Таа група луѓе се пресреќни кога им го зборувате нивниот мајчин јазик, односно македонскиот знаковен јазик. Предизвикот беше да го разбереме како мисли умот на глувите лица додека разговараат. Мислата не тече исто, онака како што тече кај еден ум што нема проблем со слухот. Тоа е друга состојба на умот. Сите актери го совладаа тој предизвик. Секој актер и секој театарски креативец кога започнува нов процес, секогаш е предизвик, но овој процес е навистина над границите и конвенциите што може да ги искусат актерите во процесот на создавање на ликовите, на претставата. За да се реализира оваа идеја, освен инспирациите за создавање, најмногу сум му благодарен на Мартин Ангелов, кој е глуво лице од Битола, познат како сопственик на кафулето „Улаф сте“ во Битола, заедно со толкувачките на знаковен јазик Катерина Шаркоска и асс. Елизабета Георгиева. Најголемата доверба доаѓа од страна на швајцарската амбасада во Скопје, од каде што веруваа во идејата што им ја предложив и нивното препознавање во идеите и визиите за оваа претстава со која навистина, освен што ја инспирираме публиката исто така и предизвикуваме општествена промена и позитивно влијание за сериозна поддршка за стандардизација на македонскиот знаковен јазик, за кој сум убеден дека и тој е дел од идентитетот на нашиот народ.
Беше ли предизвик да се реализира, кој беше најмакотрпниот сегмент?
– Актерите, ах, тие прекрасни луѓе. За нив предизвикот се претвори во огромна одговорност и во исто време и страв во интерпретацијата на знаковниот јазик. „Улаф сте?“ на почетокот имаше седум изведби во период од две недели низ различни градови во државата. И на секоја изведба присуствуваа и глуви лица. Актерите буквално „умираа“ од трема да не згрешат некој знак, дали ќе бидат добри, освен нели професионално да ги извршат нивните актерски задачи и да бидат беспрекорни во актерката игра на сцена и сето тоа да изгледа сосема природно, спонтано итн. Ова е сериозен актерски предизвик. Бидејќи сме први во ова што го правиме, практично сме пионери и немавме од каде да се повикаме со одредени знаења и методи за работа. Практично сам како режисер измислив и воведов начин, принцип и некои конкретни методи за работа во процесот кога е во прашање знаковен јазик. Никогаш не сум ни помислувал дека визионерски ќе се занимавам со метод на работа што воопшто го нема по академските книги, записи итн. Искрено, уживам во сето ова што го правам.
На што се темели сценариото?
– Вистината! Суровата вистина. Сите оние факти што глувите лица се плашат да ги кажат до јавноста и надлежните. Претставата има еден манифестен карактер. Зборуваме без цензура. Ги критикуваме државните институции, кои се глуви кон глувата заедница во Македонија. На пример, отворено зборувам за театар од Скопје што ме одби за работа за ваква претстава. Веројатно комисијата била толку неинтелигентна и некомпетентна за да го одбие проектот, односно да не го одобри – а ова е од огромно значење, не само за глувите туку за целата нација. Не знам кој е виновникот, дали е комисијата на Министерство за култура или, пак, конкретно раководството на Театарот за деца и младинци од Скопје. Срамота. Баш срамота и голема штета што не ги разбираат големината и значењето на знаковниот јазик во театар. Со потегот на одбивање/неприфаќање тие, всушност, направија индиректна дискриминација на глувата популација. Верувам дека лекцијата веќе ја научиле надлежните институции. И самиот театар и самите членови на комисијата, за кои мислам дека не треба министерството следната година да им ја довери повторно истата работа.
А приказната на претставата е за една глува млада девојка Сара, која бара работа, но бидејќи е глува, изложена е на дискриминација и не може да најде достоинствена работа за достоинствен живот. Како и секој млад човек во Македонија, а младите сѐ повеќе се селат од државата, така и глувата девојка се сели надвор во Европа, што е случај и со нашите глуви млади лица. Додека го врви тој процес, сретнува млад дечко што ѝ припаѓа на типичната популација што слуша, се вљубуваат, но поради притисокот од различни луѓе полни со предрасуди и комбинацијата на сложените односи помеѓу сите ликови, глувата Сара го напушта својот љубовник, државата. Отсуството на емпатија, неслушањето, неразбирањето, незнаењето, необразованоста се основните важни корени за нашето лошо битисување како народ. Ние се претворивме во лош себичен народ. Тоа го гледам, го доживувам, го пренесувам во театарската претстава „Улаф сте?“
Сара ја игра младата актерка Наталија Ристеска, која навистина е добра актерка и верувам дека ѝ претстои добра кариера во иднина. Зачуден сум како некои театарски институции не ѝ даваат шанса за работа. Театриве сериозно треба да се преиспитаат кому му ги даваат шансите. Ако сум директор сега на кој било театар, веднаш би ѝ понудил работа! Директори, разбудете се и ве замолувам обратете внимание на новите театарски генерации што доаѓаат. Време е!
Колку „тежи“ оваа претстава? Од каква важност е за нас, општеството…
Може слободно да се каже дека е инклузивна претстава. Но… тоа е само кога гребеш на површината. Со претставата, освен што буди многу емоции кај сите во публиката, успеваме сериозно да влијаеме кон процесот за стандардизацијата на македонскиот знаковен јазик. Можеби еден ден, додека децата ја учат азбуката, паралелно ќе ја учат и знаковната азбука. Што веќе правиме општествена промена, а не само духовна, нескромно би рекол дека оваа претстава „тежи“ и не само поради тоа. Исто така и поради театарскиот јазик, кој е фрагментарен и работен по филмските структури на сценарио, принципот на монтажа… има многу елементи во претставата што ја прават автентична, уникатна, оригинална, визионерска и современа.
Ова е индивидуален пионерски чекор театарската уметност да ѝ се доближи на глувонемата публика… Има ли простор за вистински инклузивен театар? Какви сѐ потези се потребни за ова да не биде инцидентна претстава?
Вниманието веќе го добивме од надлежните институции, длабоко сум уверен дека ова ќе биде секојдневие за неколку години од сега.
Во државните театри тешко оди прифаќањето за инклузивен театар. Поддршка нема. Затоа го работам надвор од театарските институции. За ова имаат разбирање само меѓународните агенции, амбасади итн. Сѐ што не е државна македонска институција има слух и добиваме поддршки и разбирање. Но секоја општествена промена кај нас оди бавно, така и за оваа проблематика. Знам дека еден ден самите државни театри ќе бараат сами да направат ваков исчекор и сум среќен што ја имаа честа да ја менувам нивната конвенција за правење театар.
Имате ли идеи од овој тип што чекаат на ред за да добијат слика, реализација?
Да. Во 2024 година ќе работиме повторно на оваа тема, но другпат за идејата. А во моментов АТО – центарот за современа уметност и култура – Битола веќе работи на нова идеја воведувајќи една нова театарска форма и естетика, која сѐ уште не е развиена во нашата земја. Нова, свежа и сосема поинаква возбуда за публиката. Премиерата е планирана за ноември 2023 година.
Актерите се доста отворени спрема учењето на знаковниот јазик
Мартин Ангелов е соработник за знаковен јазик. За време на подготовките на претставата беше комплетно вклучен за да им го олесни процесот на актерите, на режисерот и да ѝ овозможи на публиката, особено на публиката со оштетен слух да ја разбере и максимално да ужива во претставата.
– Мојот ангажман на претставата беше најмногу околу адаптација на толкувањето на знаковен јазик. Актерите се доста отворени спрема учењето на знаковниот јазик. Мислам дека големо олеснување за нив е тоа што знаковниот јазик е театарски јазик, има доста емоција, мимика, гестикулација, која актерите веќе ја поседуваат. Ми причинува голема радост што почнува да се зголемува свеста за глувата популација. Позитивно искуство имам во секој случај. Со екипата што работи на претставата станавме добри пријатели и мило ми е што го усвоија знаковниот јазик. Сега можеме да комуницираме доста добро. Сметам дека ова ќе биде почеток на едно ново инклузивно време каде што се посветува внимание на ранливите групи и конечно културниот живот ќе биде достапен и за нив во ова општество – вели Мартин.
Според него, потребно е да има повеќе вакви претстави. Барем еднаш годишно да се подготвува претстава од ваков карактер.
– Треба да се работи на повеќе области за подобрување на условите за живот на глувите лица. Да споменам неколку, подобро образование и пристапност, регулирано користење часови со толкувач… И, кога секој би се потрудил да ја научи азбуката на знаковен јазик и неколку основни знаци, животот за глувите ќе биде многу полесен – дополнува тој.