Вечерва, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Мистика“ – посветен на опусот на италијанскиот композитор Пјетро Маскањи. На програмата се интермецото „Il sogno“ од операта „Гуљелмо Ратклиф“, интермецо од операта „Пријателот Фриц“ и музиката за филмот „Сатанска рапсодија“, кој во соработка со Кинотеката на Македонија паралелно ќе се прикажува во текот на изведбата. Диригент е Масимилијано Калди од Италија.
Пјетро Маскањи е италијански композитор и диригент, кој отворил нов прозорец во италијанската оперска музика. Иако напишал 14 опери, три оперети и повеќе вокални дела, кантати и соло-песни, ниту една опера не го постигнала успехот што му го донела „Кавалерија Рустикана“, која извршила големо влијание на неговите современици. Маскањи често знаел да каже дека „Гуљелмо Ратклиф“ е неговата најдобра опера. За жал, таа никогаш не влегла во железниот оперски репертоар, а една од причините за тоа е и „тежината“ на музиката што ја напишал за главната улога, една од најкомплексните партии напишани за тенор. „Пријателот Фриц“ е опера во три чина, која премиерно била изведена во 1891 година. Иако оваа опера имала голема популарност во времето кога била напишана, денес таа ретко се изведува. „Сатанска рапсодија“ е нем италијански филм од 1915 година, во режија на Нино Оксилија, со актерката Лида Борели. Маскањи е автор на музиката во тој филм и ја диригирал премиерата на филмот, во 1917 година.
Масимилијано Калди (Милано, 1967) е диригент со интернационална кариера на полето на симфониската музика, опера, оперета и балет, како и со својот фокус кон современата музика и повторното оживување на операта од 19 век. Калди е диригент што поседува врвна професионалност и светол и линеарен диригентски стил. Добитникот на првата награда на интернационалниот натпревар „Г. Фителберг“ е шеф-диригент на Филхармонијата во Жежов и прв гостин диригент на филхармонијата „Ф. Шопен“ во Гдањск. Тој е активен во оперската сфера, во 2017 година го диригира „Севилскиот берберин“ од Росини, „Набуко“ од Верди, „Ластовичка“ на Пучини во Варшава, на 19-то издание на велигденскиот фестивал „Лудвиг ван Бетовен“, „Мефистофел“ со филхармонискиот хор и оркестар „А. Рубинштајн“ во Лоѓ. Диригирал во Берлин, Москва, со Државниот симфониски оркестар на Истанбул, како и со Филхармонискиот оркестар на Санкт Петербург.