Во рамките на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“, кој наедно претставува центар за обука на млади талентирани класични музичари од Европа, почна вториот семинар наменет за овие млади луѓе. Проектот е кооснован од „Креативна Европа“, со поддршка на Европската комисија, како дел од проектот „Паневропски културни ентитети 2021-2027 година“. Проектот повторно ќе се одвива во студиото „Фејмс“ во Скопје, место на средби на меѓународни уметнички експерти и талентирани млади класични музичари од земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“, како и млади музичари од Македонија.
Семинарот, кој веќе започна, ќе трае до 22 октомври. Во рамките и на овој втор семинар, учесниците ќе имаат можност да работат со врвни диригенти, ментори и уметници, а македонската публика ќе има можност да го слушне оркестарот на концерт, кој ќе се одржи утревечер, во 20 часот, во салата на Филхармонијата. Овој концерт ќе биде под диригентската палка на маестро Бенџамин Шварц, а на програмата ќе бидат изведени најпопуларната Бетовенова симфонија, бр. 5, и прекрасните Романски танци од Барток.