Кинотеката прославува 50 години постоење
Пред пет децении е формирана македонската кинотека, чија основна дејност е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Тоа е можност да се види сето она што Кинотеката го подготвила за февруарските денови.
– Ќе се почне со премиерна проекција. Со филм што има наслов „Слобода“. Тоа е краткометражен филм во омнибус-формат, чиј автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените киноматеријали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година. Потоа, повторно со новитет. Станува збор за последниот филм на великанот на глумиштето Мето Јовановски, односно филмскиот ракопис на Срѓан Карановиќ, „Засега, без добар наслов“. Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 1940-тите, 1950-тите, 1960-тите, 1980-тите, 1990-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на великаните на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ и пократок циклус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал – велат од Кинотеката.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филма на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар. Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20 век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
– Филмофилите ќе бидат повластени да го видат сигурно едниот од најозборуваните лански филмови – „Наполеон“ на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело што функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик. Уште една филмска творба што предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе – ќе биде проектирана во киносалата на Кинотеката месецов. Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот „Томи“, рок-операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35-милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за бившојугословенските панк-легенди „Панкрти“. Специјален гостин на Кинотеката тие денови ќе биде лидерот на групата, Перо Ловшин – најавуваат оттаму.
Февруари е можеби календарски пократок месец, но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кинопрограма.