Книгата „Историја на филмот, книга 2“ на авторот Георги Василевски, во издание на Кинотеката на Македонија од 2002 година, деновиве ја доживеа и својата дигитална верзија. Изданието може да се најде на сајтот на Кинотеката, во пдф.
„Историја на филмот, книга 2“ ја обработува појавата на звучниот филм и го анализира периодот во светската кинематографија од 1927 до 1945 година. Втората книга од четиритомната „Историја на филмот“ хронолошки го опишува откритието на звукот во филмот, големата епоха на францускиот филм, германскиот филм и нацизмот, полетот на британскиот филм, успесите на советскиот филм, светската кинематографија за време на Втората светска војна, стариот и новиот Холивуд…
– Кога на почетокот на новиот милениум Кинотеката на Македонија ја издаде првата книга од четиритомната „Историја на филмот“ на историчарот и теоретичар на Георги Василевски, Македонија се најде на мапата на одвај петнаесетина земји во светот што имаат историја на филмот од свои автори – велат од Кинотеката.
Првата книга од историјата го анализира раздобјето на немиот филм (1895 – 1927) и е почеток на едно патешествие на синеастичкиот ерудит низ филмската уметност омеѓена со историски факти и теоретски промислувања. Но благодарение на неговата бескрајна „километража“ во филмската критика, публицистика и есеистика, историјата во четири тома е најмалку сувопарно четиво: се работи за мошне читлива историографија, која на читателите им ги доближува настаните и процесите што ги етаблираа подвижните слики од „панаѓурска забава“ до ултимативен медиум и уметност на дваесеттиот век.
Василевски дипломирал на Филозофскиот факултет го завршил во Скопје во 1960 година. По враќањето од студискиот престој во Париз во 1970 г., под патронат на париската Кинотека, станува уредник на филмската програма во тогашната Телевизија Скопје и ја уредува и води емисијата „Во фокусот на филмот“. Во некогашна Југославија соработувал речиси со сите филмски списанија, а во некои од нив е и член на редакцијата, како „Филмограф“ од Белград и „Екран“ од Љубљана. Припаѓа на тесната група критичари што го основале движењето „Синеастички вечери“ и го основале филмското списание „Кинотечен месечник“, а подоцна и „Кинопис“. Во двеилјадитите години работел на циклусот „Портрети“ со поднаслов „Професија синеаст“, како и на серијата документарни филмови посветени на значајните научни, културолошки и уметнички имиња од повеќе европски држави, кои живееле и работеле во Македонија. Во 2009 година излезе и неговото капитално дело „Филмска енциклопедија“, на вкупно 800 страници, кое по азбучен ред ги опфаќа историјата на филмот, филмските автори, периоди и филмски жанрови.