Aвтентичната изложба на графички симболи, која има дури 460 дела во мал формат, доаѓа и во Скопје. Во МКЦ е отворена изложбата проект на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ, кој вели дека симболите се создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски. Проектот има цел да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци за да им послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори.
– Графичкиот знак нема оригинал, материјал и големина. Секој е оригинал и се изработува од секакви материјали и во секакви големини. Знакот е потпис, па затоа авторот не го потпишува. Конструкцијата на знакот е негова графичност со која се овозможува тираж (умножување, зголемување, смалување). Знакот е збиена приказна, понекогаш и неколку различни приказни, кои се сведуваат на еден краток збор. Зборот се претвора во слика што ја читаме со еден поглед: побрзо ја гледаме и запомнуваме отколку што ја разбираме. Знакот е поубавиот дел од приказната. Секој знак е една нова љубов, а за љубовта се сонува и се размислува на јаве, сè се меша и затоа не се знае како настанува знакот. Знакот е лесна мака – пишува Милош Ќириќ во книгата „Графичка идентификација“.