Изложбата „ФеминаV.S.Фемининологија“, соработка помеѓу друштвата на уметници на Македонија и на Хрватска, се отвора вечерва, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при НГМ. Изложбата ќе ја отворат: Дита Старова Керими, директорка на Националната галерија, Јана Манева-Чупоска, претседателка на ДЛУМ и кураторка на проектот, Санда Станаќев Бајзек од Хрватска, историчарка на уметноста. Учествуваат 10 македонски авторки и 10 хрватски авторки, кои работеа во двојки: Ана Трајковска – Алана Кајфеж; Вана Урошевиќ – Габријела Шимиќ; Христина Зафировска – Луциа Лабас; Јана Луловска – Никол Хјуит; Тања Таневска – Тара Беата Рац; Наташа Милованчев – Дијана Назор Чорда; Марина Цветановска-Мартиновска Ивана Ожетски; Марина Коцарева – Ранисављев – Ивана Бакал; Маја Рауник Кирков – Ирена Гајатри Хорват; Јана Манева-Чупоска – Паулина Јазвиќ.
Утре, во 12 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи видеопроекција на видеата на Јана Манева-Чупоска, Јана Луловска и на Никол Хјуит.
– Нивните уметнички приказни го надминуваат нивното матично време, станувајќи општи и универзални, исконски и современи, докажувајќи дека големите теми не се ниту „женски“ ниту „машки“, туку само човечки – вели Станаќев Бајзек
Според Манева-Чупоска, концептот на изработка на делата е конципиран во организиран тим, односно пар од две уметници што ќе креираат и ќе изработат едно или неколку дела, кои треба да се компатибилни, слични, различни, спротивставени или нееднакви во својата ликовна концепција.