Деновиве, во пресрет на стогодишнината од раѓањето на класикот на македонската поезија и голем лиричар Ацо Шопов, од печат излезе поемата „Одгласот на тишината“ посветена на Ацо Шопов од македонскиот писател Зоран Пејковски. Рецензенти се Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски, а дизајнот на корицата е на Лазе Трипков. Издавач е битолската реномирана издавачка куќа „Восток“.
– Поемата ја составуваат дваесет и четири подолги и пократки пеења, од кои како жива подземна вода дотекуваат симболи и метафори што тивко и таинствено жуборат со возвишена рима и внатрешна мелодичност, сигурно и мајсторски создавајќи го човечкиот и поетски профил на Шопов… Тој е стожерен субјект, кој е во основата на сижето, со преовладување на епски, лирски и драмски елементи – истакнува Тоциновски.
Рецензентот Ковилоски вели дека Пејковски ја започнува „Одгласот на тишината“ со посвета на Шопов, со барање и наоѓање на убавиот збор, на меките лирски потреперувања во една пролетна вечер пред зајдисонце.
– Всушност, тишината на Шопов ќе остане како една негова доминанта и можеби еден од најпознатите идентификациски белези со кои за време на животот, а и потоа, ќе остане врзан за неговото творештво, како што впрочем ќе забележат и укажат и Димитар Митрев, Милан Ѓурчинов, Димитар Солев и др. Тргнувајќи оттука, авторот на поемата преку интертекстуалноста со изборот на стиховите од една страна ни го доближува Шопов, но од друга страна ни го разоткрива моделот на пеење преку кој сопствените поетски огледи ги трансформира во лирика со благ патос – вели Ковилоски. С.Ј.