Концерт на гудачкиот квартет при државниот камерен оркестар „Жилина“ од Словачка

Концертот на гудачкиот квартет при државниот камерен оркестар „Жилина“ од Словачка уште еднаш ја потврди оправданоста на годинашното мото на фестивалот „Охридско лето“ дека „Уметноста трансформира – уметноста е љубов“. Токму таков беше и настапот на членовите на овој состав, Роберт Копелман, прва виолина, Катерина Миронова, втора виолина, виолистот Александр Дјагилев и виолончелистката Дарја Земскаја. Со своето вдахновено музицирање, тие ги разбудија сите сетила кај љубителите на класичната музика што го проследија концертот во црквата „Света Софија“.
Концертот долго ќе се памети поради врвната интерпретација на Моцартовиот гудачки квартет бр.15, но и на дела од словачките композитори Јан Левослав Бела, Иља Зељенка и Еуген Сухон. Привлечната и убаво селектирана програма се одржа во рамките на Словачката вечер на „Охридско лето“, која се организира со поддршка на Амбасадата на Словачката Република во земјава.
Амбасадорката на Словачката Република, Ивета Хрицова, која првпат ја следи фестивалската програма откако минатата година е назначена на нејзината функција, нагласи дека концертот на уметниците од Словачката Република не е само уметничко доживување туку, како што кажа, и почеток на уште поблиска соработка меѓу двете држави.

– Фестивалот „Охридско лето“ е многу повеќе од една вечер за нас. Тој е жив тестамент за моќта на културата, која ги дефинира луѓето, нациите и генерациите. Фестивалот е место каде што се среќаваат различни уметнички традиции – нагласи амбасадорката Хрицова.
Гудачкиот квартет на државниот камерен оркестар „Жилина“ (ШКО „Жилина“) е основан во 2024 година и оттогаш настапил на голем број концерти и значајни општествени настани, успешно претставувајќи висок уметнички квалитет и интересна драматургија, како во Словачка така и во странство.Членовите на ансамблот настапуваат не само како камерен состав туку и одделно, како солисти со оркестарот во рамките на претплатничката сезона на ШКО „Жилина“. Концерт-мајстор на ШКО „Жилина“ е Роберт Копелман, кој потекнува од Братислава од познато музичко семејство.
На „Охридско лето“ се одиграа и балетските претстави „Кармен свита“ и „Болеро“ од Жорж Бизе и Морис Равел, во изведба на маестралните уметници од операта и театар „Мадленијанум“ од Србија, а во кореографија на Александар Илиќ. „Кармен свита“, адаптирана според Бизеовата опера „Кармен“, ја долови страсната приказна за Кармен, симболот на слободата и судбината, а „Болеро“ во вториот дел од вечерта донесе динамична кореографија полна со драмски тензии. Енергијата што се чувствуваше во салата на Центарот за култура „Григор Прличев“ уште еднаш потврди дека јазикот на театарот и воопшто на уметноста немаат граници. Кореографот Илиќ ги поставува класичните музички дела во современ контекст, спојувајќи ги виртуозната игра, силната драмска експресија и авторски препознатливиот кореографски израз.

– Оваа претстава носи спектакуларна танцова верзија на двете дела, „Кармен“ и „Болеро“. Според мене, секако „Кармен“ е една од најубавите музички партитури, а исто така и „Болерото“ од Равел. Сакам да кажам дека се работи за две целосно различни продукции. „Кармен свита“ е правена во еден неокласичен стил, кој носи класика и сè што навистина е кореографски јазик за класичен балет. „Болерото“ е правено на еден целосно современ кореографски вокабулар – појаснува Илиќ.
Операта и театар „Мадленијанум“ за балетите „Кармен свита“ и „Болеро“ е добитник на многубројни признанија од српските стручни здруженија и фестивали. В.Д.