Матеј Крстевски од „Драгон продукција“
„Драгон продукција“ распиша конкурс за пишување сценарија од жанрот хорор, кои треба да се фокусирани на елементи од словенската митологија и балканскиот фолклор. Сценаријата не треба да бидат подолги од 30 страници, а одбраните сценарија ќе бидат реализирани. Во потесен круг ќе влезат сценаријата со издржана оригинална приказна, со доза на емоции и соодветно вметнати хорор-елементи. Целта е да се поттикнат сите сценаристи, креативци и уметници да ги претстават својата уметничка слобода и извонредност без цензура. Конкурсот е отворен во текот на целата година, а наградувањата ќе бидат двапати годишно.
Што ве поттикна да го иницирате конкурсот за хорор-сценарија?
– Како новооформена филмска продукција во Македонија, сметаме дека имаме дефицит во снимањето серии и филмови, токму затоа со своето творештво целиме да ја негуваме регионалната кинематографија, како и да ја издигнеме на интернационално ниво. Нашиот главен мотив и цел се преку камерата да покажеме дека нишката што нѐ поврзува сите нас на балканските простори е сѐ уште жива, а тоа е кинематографијата од поранешните југословенски републики, која е јадрото на нашата душа. Идејата за снимање хорор-филмови со фокус на словенската митологија ја имаме од многу одамна. Нашата митологија е делумно заборавена, како резултат на многу фактори, а пред сѐ напливот на странски содржини. Целта е да се едуцираме и да се информираме за своето минато и потекло, преку уметноста како најискрен начин на говорење, односно преку филмот.
Има ли одзив од креативците?
– Изненадувачки, но досега ни пристигнаа голем број сценарија со разновидна тематика, што говори за тоа дека на овие простори постојат многу креативци само е потребно да се откријат, како и да им се укаже можност да се изразат себеси. Ваквиот тип конкурси се од примарна потреба за развојот на нашата кинематографија.
Што ќе се случи понатаму со сценаријата?
– Одбраните сценарија ќе бидат реализирани. „Драгон продукција“ во својот состав, освен филмски, има и книжевен оддел, каде што се преведуваат и печатат книги што со својата содржина се вклопуваат во нашиот концепт. Моментално се преведува книгата „Пета жица“ од реномираниот српски автор Бранислав Јанковиќ, како и на многу други реномирани дејци во областа на литературата и книжевноста во Србија, кои наскоро ќе излезат и во печатено издание. Дополнително, љубителите на словенската митологија имаат можност да се едуцираат, забавуваат и информираат на нашиот сајт Omaja.rs, каде што подлабински навлегуваме на оваа тематика.
За какви теми најчесто сакаат да пишуваат креативците и уметниците?
– Човечката психа е многу плодна, понекогаш не можеме да бидеме сигурни дали инспирацијата е резултат на доживеано искуство или плод на фантазија. Досега добивме голем број сценарија во кои се раскажува за проколнати места, преданија за локации каде што се одвивале несекојдневни и чудни дејства, приказни за манастири каде што биле видени самовили итн.
Какво размрдување сакате да предизвикате на филмската сцена?
– Нашата цел со хорор-сценаријата е да зборуваме за мистичното и подобро да ја запознаеме јавноста со термини за кои досега не се зборувало, а потајно се размислувало. Моментално се снима серијата „Редот на змејовите“, во која ќе учествуваат и неколку српски актери. На Балканот кружат разни контроверзни приказни за овој Ред, кој навистина постоел. Со оваа серија сакаме да го привлечеме вниманието на улогата што ја одиграл поредокот во нашата историја, како и во начинот на размислување. Станува збор за хорор-серија, со елементи на научна фантастика, која на публиката ќе ѝ пренесе само еден дел од словенската митологија што се бори против вампирите, духовите и преостанатите зли суштества. Во план е оваа серија да се прикажува и на малите екрани во Србија. Нерешените случувања во историјата се одличен извор за инспирација за снимање хорор-филови, особено сомнежите за природна смрт или пак можеби убиство на големите историски имиња. Токму затоа следна серија што ќе се снима во нашата продукција е серијата „Ветрови на злото“, според истоимениот роман на популарниот српски писател Бранислав Јанковиќ, кој ја решава мистеријата за смртта на кнезот Милош Обреновиќ. За потребите на овие две серии ќе бидат ангажирани актери од македонската, но и од српската сцена, бидејќи проектите ќе бидат наменети за домашниот и за српскиот пазар, како и за другите простори на поранешна Југославија.
На што му го припишувате нашиот дефицит од хорор-филмови и дали сметате дека треба да е позастапен на македонската филмска сцена?
– Македонската кинематографија се соочува со дефицит од филмови од сите жанрови, не само од хорор-жанрот, а тоа се должи најмногу на недостигот од финансиска поддршка на филмските проекти, бидејќи изворни теми за снимање филмови имаме, а исто така како земја располагаме со многу талентирани актери. Хорор-жанровите е потребно да бидат позастапени, бидејќи овој жанр на филмови ни ја открива и онаа страна на животот што носи тежина, полна со мистерии за кои поретко или пак воопшто не зборуваме. Благодарение на ваквиот жанр на филмови се челичиме и однапред се подготвуваме за животните предизвици.