Предавање на тема „Класичниот кинески поет како дејствувачко лице на историјата“ ќе одржи денес синологот Игор Радев, во Друштвото на писателите на Македонија со почеток во 19 часот.
– Првиот именуван поет на европската култура е Хомер, слепиот бард, кој пее за војни, јунаци, градови и држави, но не учествува во нив: токму физичкиот хендикеп – слепоста, небаре служи како симбол за неговата одвоеност од историската пракса. Од друга страна, првиот именуван поет во кинеската традиција Чју Јуен (343-278 пр. н.е.) е висок службеник на својата држава, активен политичар и воено-дипломатски стратег, за кого поезијата претставува и еден вид призма, низ која се прекршува државничката дејност – стои во објавата на настанот.
Како и поетското читање „Вечер со Руми“, кое се одржа на 30-ти септември, и предавањето на Радев ќе биде од отворен карактер што овозможува активностите на Друштвото на писателите на Македонија да се доближат до јавноста, преку организирање поетски читања и предавања што го уважуваат и го приближуваат древното книжевно и културно наследство од светот.