Почнува 8. „Букстар“
Издавачката куќа „Антолог“, која го организира фестивалот на европската литература „Букстар“ (книжевни ѕвезди), ја најави денешната свечена церемонија, со која пред читателите се отвора импресивната програма на осмото издание на фестивалот. Под мотото „Храбри нови зборови“, годинава ќе бидат претставени исклучителни европски и домашни автори, кои ќе учествуваат на десетина книжевни разговори, поткасти, работилница за раскажување приказни, читање, предавање, а ќе бидат доделени и наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу две фестивалски изданија и нововостановената награда за најдобар превод „Драги“, во чест на Драги Михајловски. Хибридниот формат на фестивалот го даваат само два настана што ќе бидат онлајн, сите други автори ќе присуствуваат лично во Скопје. Наградата ќе ѝ биде доделена на нобеловката Светлана Алексиевич.
Фестивалот ќе започне со претфестивалски настан – видеоразговор со авторот Саша Станишиќ, на темата „За потеклата и случајностите што (не) постојат“, во 15 часот, во киното „Фросина“ Разговорот ќе го водат преведувачката на неговата книга „Потекло“, Елена Конеска Светиева, и филмскиот режисер и писател што ги носи истото име и презиме со авторот – Саша Станишиќ. Во 19.30 ч., фестивалот ќе го отвори поетот, есеист и преведувач Никола Маџиров, со испраќање на својата книжевна порака до гостите. Веднаш потоа, на сцената ќе се појави „исландската кралица на трилерот“, Ирса Сигурдардотир, и заедно со Јордан Коцевски и Александар Маџаровски ќе разговара на темата „Тајните на животот, мистериите на литературата“.
Првиот фестивалски ден ќе се заокружи со разговорот „Нова бугарска книжевност“, помеѓу современите бугарски автори Оља Стојанова Џакова и Петар Денчев, а модератори на настанот ќе бидат Владимир Јанковски, добитник на наградата Роман на годината 2020, и Душко Крстевски, преведувач од бугарски јазик.
Главната програма на втората фестивалска вечер ќе започне во 19 часот, со разговор со авторите Даина Ополскаите (Литванија), Петар Андоновски (Македонија), Владимир Јанковски (Македонија), а модератори ќе бидат Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. Ќе разговараат за „Наградата за литература на Европската Унија: Националниот наспроти меѓународниот книжевен контекст“. Во 20 часот, фестивалот ќе продолжи со разговор со хрватскиот автор Игор Штикс, автор со богата биографија и врвен интелектуалец. Модератор на настанот е театрологот Јелена Лужина. Во 21 часот на сцената ќе бидат авторката на книгата „Гитара од палисандер“, која доживеа огромен успех меѓу нашите читатели, Кристина Гавран (Хрватска), и Богдан-Александару Станеску (Романија), писател и преведувач на најголемите англиски имиња на романски јазик. Заедно со нив ќе настапат и модераторите на настанот Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. Ќе се разговара за „Историјата како приказна, приказната како историја“.
Последната вечер ќе започне со проекција на филмот „Петтиот брод“ (2017), во режија на Ивета Грофова, од 18 часот. Филмот е снимен според истоимениот роман од Моника Компаникова, гостинка на фестивалот. Писмото испратено до „Букстар“ од филмските автори ќе биде прочитано од писателот и преведувач Стојан Лекоски. Веднаш потоа, од 19.30 часот, е закажан разговорот „Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. со авторките Надја Теранова (Италија) и Моника Компаникова (Словачка), а модератори ќе бидат Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. И двете авторки напишале два семејни романа, кои уште еднаш ја докажуваат тезата дека иако семејниот роман е еден од најчесто користените поджанрови во литературата, тој никогаш нема да ги исцрпи своите капацитети. Во 20.30 часот ќе биде претставена една нова иницијатива – наградата за најдобар превод „Драги“. Целта е од една страна да се даде прилог кон овековечувањето на животот и делото на Драги Михајловски, а од друга страна да се постави нов стандард во вреднувањето на преведувачката дејност.
Фестивалот ќе биде заокружен со завршната манифестација, во 21 часот, т.е. свечената церемонија на наградата „Букстар 2022“, доделена на нобеловката Светлана Алексиевич за нејзината книга „Војната нема женско лице“ – во која, несомнено, секој збор е храбар. Видеоразговор со авторката ќе водат Андреј Јованчевски, преведувач од руски јазик, и професорката Лидија Танушевска.