„Хамлет“ според трагедијата на Вилијам Шекспир, со користење на драмите „Во малиот дворец“ на Станислав Игнациј Виткиевич и „Чест“ на Васил Иљоски, во режија и адаптација на Бранко Брезовец, е новата претстава што премиерно беше изведена во театарот „Војдан Чернодрински“. Претставата се игра низ целиот театар и е со ограничен број посетители поради посебноста на постановката.
Според Лидија Митоска Ѓорѓиевска, соработничка за драматуршки прашања во претставата, во ова читање на Хамлет се нагласени конфликтот во и меѓу ликовите, стремежот за моќ и желбата за одмазда.
– И овој Хамлет е заплеткан во измами, манипулации и лудило. Меѓутоа, мотивите од „Чест“ од В. Иљоски и „Во малиот дворец“ од С. Виткиевич внесуваат уште позасилена атмосфера на сновидение и сосема неочекуван развој на комплексни односи и настани. Ликовите застрануваат од својата оригинална зададеност: ниту во својата психологија ниту пак во своите постапки не се сосем идентични со оние од Шекспир. На тој начин оваа претстава ни предочува нескротливи аспекти и можности за толкувања поинакви од очекуваните, односно од стандардно прифатените. Кратки и моќни асоцијации во вид на фрагменти на несвесното се вткаени во целината преку алтернативните ликови и ситуации, некои од нив аналогни на Шекспировите, но транспонирани од сосема различни контексти – потенцира Митоска Ѓорѓиевска.
Режисерот Бранко Брезовец вели дека во претставата станува збор за проблемот на честа.
– Да се биде или не како да се разлева во истовремено и да се биде и да не се биде. Станува збор за приближување на некој нов идентитет за кој веќе зборувал Ибзен кога човекот го споредил со кромид, а како што знаеме кромидот се состои само од лушпи и нема цврсто јадро. Така и претставата не е врзана за своето матично јадро, сцената, туку се разлева низ целиот театар и можете да уживате во микроиграта, во стеснетите простори и во вистинската патетика и благородна ширина на актерските гестови по должината на целото гледалиште и сцената. „Хамлет“ е претстава на жестока колективна игра, на цврста актерска екипа и заедничко уметничко разбирање – вели режисерот Бранко Брезовец, режисер од Загреб, кој веќе третпат соработува со прилепскиот театар.
Во 2010 г. тој ја постави битовата драма „Антица“, која гостуваше на престижниот фестивал „Еуросцене“ во Лајпциг, а во 2019 г. „Глембаеви“.
Во претставата играат: Зоран Иваноски како Хамлет, Димитар Ѓорѓиевски, Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Марија Спиркоска Илијеска, Игор Трпчески, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Виолета Чакарова и Наташа Ачански. Соработник на режисерот е Борис Василевски, за сцената се погрижи Пеце Ристески, костимите се на Сузана Брезовец, за светлото е задолжен Ристе Гркоски, а тон-мајстор е Томе Темелкоски. Витражите се на Марта Црнобрња, дизајнот на плакатот е на Ловро Брезовец.
Претставата е дел од програмата на театарот за 2023 година и е поддржана од Министерството за култура. Ка.М.