Во големата сала на центарот за култура „Мија Алексиќ“ во Горњи Милановац му беше доделено гран при на македонскиот меѓународно афирмиран уметник Мице Јанкуловски, на 17-то Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата. Три и пол децениското постоење на биеналето ја одбележи 17-та изложба по ред, која забележа исклучителен одзив, очекуван квалитет и успешно продолжување на одамна зацртаната мисија на уметноста на минијатурата. Околу 550 уметници со повеќе од 900 дела се одзвале на конкурсот на биеналето. По селекцијата (од страна на селекционата комисија во состав: Саша Степанов, претседател; Саша Јањиќ, заменик-претседател и Аница Радошевиќ Бабиќ, член) одбрани се 648 дела од 423 уметници, кои ја сочинуваа изложбата на биеналето, концепциски поделено во седум изложбени категории: сликарство, графика, скулптура, цртеж, применета уметност, фотографија и интермедијална уметност.
Меѓународното жири на 17-то Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата во состав: Сава Степанов, Србија (претседател); Даниела Билопавловиќ Беденик, Хрватска (член) и Катарина Дуканац Стевлиќ, Србија (член) – едногласно одлучија добитник на гран при да биде Мице Јанкуловски.
– Одлуката ја донесовме едногласно, врз основа на естетските вредности, врз основа на техничко-мајсторската изведба на делото, и генерално на сеопфатните професионални вредност на уметникот. Драго ми е што му ја доделивме наградата на олку голем уметник, сметам дека е вистински избор да ја добие највисоката награда – изјави Катарина Дуканац Стевлиќ.
На биеналето беа доделени уште седум рамноправни први награди, по една во секоја категорија, како и шест посебни награди.
Наградите им беа врачени на уметниците од претседателката на Организацискиот одбор, Јадранка Достаниќ (заменик-претседателка на општината), а Јанкуловски се обрати во полната сала на Центарот за култура на Горњи Милановац од името на сите наградени уметници.
– Секогаш сум верувал дека времето не се мери со часови, туку се мери со настани. Сите ние тука сме проживеале повеќе човечки животи во градење и создавање вредности, најпрвин како индивидуален порив, а потоа како придонес кон уметноста. Придонесот на секој од нас поединечно, секој во својата област, е пиксел во дигиталната слика, која ќе сведочи пред идните генерации за степенот на развој на културата во нашето време. Зашто, да не заборавиме, реалноста во која живееме не сме ја наследиле од своите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца. Ним треба да им оставиме вистински систем на вредности со кој тие понатаму ќе можат да го измерат и немерливото! Оваа награда ни го овозможува токму тоа и за сите нас претставува остварување на најголемата желба на секој поединец – да биде препознаен од својата и меѓународната заедница и за тоа од срце ви благодариме – рече Јанкуловски. В.Д.