Пред многубројна публика во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност, кој македонскиот КИЦ го реализира во соработка со реномираната македонска издавачка куќа „Македоника литера“.
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која истакна дека целта на фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна можност да им оддадеме признание на оние што ја создаваат книжевноста, на оние што ја преведуваат и на оние што ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.
Директорот на издавачката куќа „Македоника литера“, Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски, кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на современата македонска книжевност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, особено во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
Фестивалот продолжува со трибината „Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод“ и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на „Бели мугри“ од Кочо Рацин.