На изложбата се поставени околу 80 дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек-дела, меѓу кои и: Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ…
Второто издание на циклусот „Од поинаков дискурс“ е продолжение на првичната идеја за вклучување лица интелектуалци чија дејност не е тесно поврзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со кокуратор од галеријата ќе работат на тематика што ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија. Целта е од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно богатство. За првото издание беше поканет Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач, кој ја предложи темата „Мустаќлии“. Изложбата беше реализирана во ноември 2019 година.
Второто издание, „Фауната во колекцијата на Националната галерија“, е концепт што го осмисли Иван Џепароски и тој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.
– Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката несомнено е појавувањето на еден своевиден теориски „животински пресврт“ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми, кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата. На овој план, секако, треба да се укаже и на појавувањето најголем број дела посветени на оваа проблематика, меѓу кои се истакнуваат повеќе остварувања, од кои укажувам на две: книгата на авторите Клинџендер, Антал и Хартан, под наслов „Животните во уметноста и во мислењето 1“, и зборникот подготвен од Ененкел и Смит, насловен „Раната модерна зоологија: конструкцијата на животните во науката, книжевноста и во визуелните уметности 2“, дело во кое овие прашања мошне успешно се тематизираат – истакнува Џепароски.
На изложбата се поставени околу 80 дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек-дела, меѓу кои и: Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други.
На отворањето се обратија Иван Џепароски и Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија. Изложбата ќе трае до средината на јануари 2024 година. Организатор на изложбата е Ана Франговска.