„Театар Комедија“, денеска, во 12 часот, во „Бистро Комедија“ ја промовира книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски, во превод на Наташа Атанасова. Изданието ќе го промовира драматургот и директор на „Театар Комедија“, Дарко Спасов, кој наедно работеше на уредувањето и подготовката на книгата.
Македонското издание „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ содржи два есеја, „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“, и предговор од театрологот Деспина Ангеловска, а се заснова на зборникот „Etika: Umetnost glumca i reditelja“ (Белград, 1996), приреден од Радослав Лазиќ.
– Во ерата на глобализацијата, комерцијализацијата и загубата на утопиите, се наметнува потребата од навраќање на будната мисла на Станиславски, кој ги поставува клучните прашања за „основните вредности“ и „мисијата“ на театарот и уметноста, соочувајќи нè со одговорноста што ја имаме кон нив. За Станиславски, етиката и естетиката се неразделно поврзани, и само спојот на двете го овозможува создавањето на вистинското уметничко дело“ – пишува Деспина Ангеловска во својот предговор.
Константин Станиславски (1863 − 1938) е руски актер, режисер и педагог, основач на Московскиот уметнички театар во 1898 година. Тој е најпознат по развивањето на теоријата на глумата, позната и како системот на Станиславски. Според Станиславски, театарот е уметност од општествено значење. Тој верувал дека театарот има силно влијание врз луѓето и дека глумецот мора да служи како народен просветител. Станиславски сметал дека прашањето за етиката и моралот претставува многу важно начело на театарското уметничко творење. Моралниот чин на поединецот во сложениот театарски организам, личноста во ансамблот, нејзината задача и нејзината улога во битието на театарот, претставуваат суштински вредности во есеите „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“.