Одбележан Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај
Националната галерија како дел од глобалната мрежа на музеи и галерии што го одбележуваат 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите, се придружи кон одбележување на оваа манифестација. За таа цел, влезот во сите објекти вчера беше слободен, во рамките на работното време од 10 до 18 часот.
Во пресрет на денот, МНК ИКОМ ѝ додели две значајни музејски награди на Националната галерија за 2022 година. Првата награда е „Музеј на годината“, како резултат на богатата и квалитетна музејско-галериска програма на галеријата во текот на 2022 година.
– Оценките се за исклучителната видливост и препознатливост; инклузивност; работа со теми од особено значење за општеството: благосостојба, климатски промени, животна средина, одржливост. Проектите што се причина за доделување на оваа награда, реализирани во минатата година, се: националното претставување на 59. Венециско биенале – „Пејзажно искуство“ на авторите Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, потоа ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, изложбата на Иванчо Талевски: „Пресек: Дама со девет камења“, претставувањето на меѓународно афирмираниот мултимедијален уметник Дриант Зенели со неговата „Трилогија: Под површината има уште една површина“, „Портретите на Илија Аџиевски“, Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски-Тофе, 30 години творештво на Нехат Беќири и од меѓународната соработка претставување на бугарската група XX – велат од НГМ.
МНК ИКОМ ѝ ја додели втората награда на кураторката Ана Франговска, виша кустоска во Националната галерија, за „музејски работник на годината“. Наградата е резултат на нејзината посветеност и професионалност во музејско-галериската дејност.
Во насока на поддршка на формалното образование, развивање креативни вештини и културна едукација кај најмладите се одржа и завршната манифестација на едукативната наградна игра „Лавиринт на уметноста 2“, наменета за основците. Вчера по пат на извлекување им беа доделени стотина пригодни награди на учесниците што ја решиле загатката на наградната игра и го пополниле прашалникот.
По повод Меѓународниот ден на музеите, денеска во „Даутпашиниот амам“ ќе биде промовирана монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторката Анета Светиева. Промоцијата е закажана во 12 часот. В.Д.