Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави дела на Франц Кафка, еден од најголемите книжевни гении на сите времиња. Станува збор за два романа на овој голем автор, имено „Америка“ во превод на Душанка Каевска и „Замок“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски, овој пат со интегрални преводи на македонски јазик што за првпат ги вклучуваат и оригиналните предговори на неговиот пријател Макс Брод и со тематски дизајн на кориците, кој е дело на Марко Трпески.

– Со ова само се поставува курсот на она што е планирано за претстојниот период, а тоа е пред сè објавување на капиталното дело „Процес“ – исто така за првпат во интегрален превод од оригиналот, „Дневниците“ на Кафка, но и на другите негови познати и помалку познати дела. Објавувањето на целосните дела на Кафка е најпрвин исполнување на една лична желба уште од училишните денови, но и голем придонес кон издавачката продукција, зашто навистина нашата читателска публика заслужува да ги има достапни на македонски јазик делата на можеби најзначајниот и најенигматичен автор на сите времиња. Една од првите десет книги објавени во рамките на нашата еминентна едиција „Бранови“ е токму романот „Америка“, чии количества веќе од поодамна беа исцрпени, па неговото реобјавување, но со тематски дизајн, е само прв чекор во новата приказна што планираме да ја испишеме – вели Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник во „Антолог“.
Франц Кафка бил автор на визионерска фикција, поседувајќи извонреден талент за соединување на елементите од реализмот и фантастичното. Незалудно неговиот „кафкијански“ стил е влезен како поим во сите книжевни енциклопедии. Според сведочењето на Макс Брод, Кафка го замолил да ги запали сите негови необјавени и незавршени ракописи и романи по неговата смрт. Брод не го послушал, постхумно објавувајќи ги „Процес“ и другите книги што станале класици.