Според проф. д-р Сашо Цветковски од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“, на иконостасот има престолни икони што ce идентификуваат во втората половина на 18 век, како дело на една локална работилница што долго време работи во краевите околу Струга, Охрид и Дебар. Што ce однесува до живописот и неговите програмски и иконографски остварувања, воочлива е зависноста од делата на Дичо Зограф и Аврам Дичов

Знаменитостите на Македонија

Црквата „Св. Никола“ во селото Радожда, Струшко, е изградена во 1841 година, но е живописана многу подоцна, односно во 1890 година. Од двата ктиторски натписа што се напишани на северната и јужната страна на средишниот свод, читливи се информации за сликањето и градењето на црквата. Натписот во кој се говори за градењето на црквата е испишан во еден медалјон над олтарниот простор, а во вториот натпис се споменуваат податоци за живописувањето на црквата. Во живописувањето на црквата учествувале повеќе зографи, кои оставиле податоци за себе во нишата на протезисот, каде што по наведувањето на ктиторите селени од Радожда ги испишале своите имиња, Јосиф Радев.
Црквата „Св. Никола“ е еднокорабна црква, градена од кршен камен, со една апсида на источната страна и речиси без каква било декорација на фасадата. Внатрешниот простор е поделен на травеи со испушени пиластри. Просторот на наосот кон запад е отворен и поделен на два нивоа, со формирање катна галерија. Оваа галерија нема некоја особена функционалност, бидејќи висината е многу мала, a и површински зафаќа многу мал простор. На иконостасот во црквата ce поставени икони што им припаѓаат на различни хронолошки периоди. Некои икони биле сликани дури и по живописувањето на црквата, како што иконата на архангелот Михаил од вратите на протезисот е насликана од истиот зограф Јосиф Радев во 1893 година.
Според проф. д-р Сашо Цветковски од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“, на иконостасот има престолни икони што ce идентификуваат во втората половина на 18 век, како дело на една локална работилница што долго време работи во краевите околу Струга, Охрид и Дебар.
– Што ce однесува до живописот и неговите програмски и иконографски остварувања, воочлива е зависноста од делата на Дичо Зограф и Аврам Дичов, со користење програмска шема што овие зографи ќе ja воспостават и во зависност од типот на црквата и просторните можности што тој ги нуди, постојано ќе ja повторуваат – посочува проф. д-р Цветковски.

Во олтарниот простор, во конхата на апсидата е сликана допојасна претстава на Богородица Поширока од Небесите, односно во овој случај Богородица царица со круна на главата. На себе има црвен мафорион, декориран со златен паспул по рабовите, a на градите во медалјон во облик на светлосна мандорла го носи малиот Христос. Од двете страни нејзе ѝ приоѓаат пророците Давид и Соломон, со свитоци во едната рака и кратки жезла во другата.
Во зоната под конхата, од двете страни на прозорскиот отвор e насликана композицијата на причестувањето на апостолите, на јужната страна е претставено како Христос ги причестува апоголите со вино, a на северната страна е причестувањето со леб. Поворката на апостолите од причестувањето излегува од просторот на апсидата и продолжува на северната и јужната страна од источниот ѕид.
– Во првата зона на апсидата е насликана литургиската служба на светите отци. Во средината на сцената е поставен светиот престол – чесната трпеза на која ce поставени два свеќника со запалени свеќи, затворено евангелие и ѕвездица со аер. Од двете страни ce светите отци, творци на литургијата и најугледни меѓу архијереите, во фронтална става со богато извезени сакоси, омофори, фелони и надбедреници, држејќи во своите раце отворени евангелија со испишани текстови од литургијата и притоа благословувајќи – вели проф. д-р Сашо Цветковски.
На јужната страна прв е насликан Св. Јован Златоуст, со испишан текст на отвореното евангелие. Зад него е Св. Григориј, со отворено евангелие во левата рака и испишан текст. Зад него во поворката е Св. Атанасиј Александриски со евангелие. Од северната страна на престолот приоѓа Св. Василиј Велики со евангелие во рацете, а зад него се Св. Никола и Св. Кирил Александриски, кој во раката носи отворено евангелие со испишан текст.

Во нишата на ѓакониконот е насликан Христос Добриот Пастир како на својот врат ja носи изгубената овца, a околу е испишан подолг текст од пророштвото на Исаија. Над нишата, на источниот ѕид ce апостолите од причестувањето, a над нив во трета зона ce насликани сцените на благовештението на Богородица и благовештението на Јосиф во пустината. На јужниот ѕид од првата зона на ѓакониконот е насликан ѓаконот Кириак со долг црвен стихар, орар околу рамото и појасот, во десната рака држи свеќник со три свеќи, a во левата затворено евангелие. До него, западно на јужниот ѕид е насликан Св. Онуфриј монах, анахорет насликан во својата традиционална иконографија, гол со прекрстени раце на градите и прекриен на бедрата со листови, обраснат во влакна и со долга брада, која достигнува до неговите стапала.
Во највисоката зона, односно сводните делови од двете страни ce насликани неколку сцени од циклусот на Св. Никола. Свети Никола воскреснува една жена на еден кревет крај неговите нозе, а Св. Никола чита евангелие. Свети Никола спасува од давење еден човек. Св. Никола е насликан во еден кораб како му подава рака на човекот (Василиј) во разбрануваното море.

Во сводот во медалјон е насликана поголема допојасна претстава на Св. Никола, a околу него, од двете страни на сводот, ce насликани по тројца пророци. На јужната страна од сводот ce насликани пророкот Езекиј, пророкот Илиј и пророкот Елисеј, a на северната половина од сводот ce пророкот Наум, пророкот Данил и пророкот Амост. На северниот ѕид, над зоната на допојасни претстави, продолжува циклусот на празнични композиции, со миење на нозете и Тајната вечера, убаво компонирани и умешно вклопени во овој простор. Над нив има неколку сцени од циклусот на Свети Никола, спасувањето на трите девојки од блуд и упокојувањето на Св. Никола.
Ha лакот што го дели западниот од централниот травеј ce насликани допојасни фигури на апостолите во медалјони меѓусебно поврзани со преплет од лоза. Во темето на средишниот травеј е насликана допојасна претстава на Христос Вседжител, кој со десната рака благословува, a во левата носи затворено евангелие. Под неговата претстава на северната страна од сводот e насликан пророкот Моисиј, кој е насликан во долг дивитисион со круна на глава и таблиците на законот во рацете, a до неговата глава се насликани сијание и раката божја, која го благословува, и пророкот Арон во одежда на старозаветен свештеник со расцутена палка во рацете.

Д.Ст.