Концерт во Филхармонијата со врвната саксофонистка

Утревечер, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот со наслов „Ава“, на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите саксофонистки во класичната музика – Асја Фатејева од Крим, Германија. На програмата се дела од Дебиси, Шостакович, а првпат ќе прозвучи и Концертот за саксофон и оркестар од авангардниот холандски композитор Јакоб Тер Велдхаус. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
– Се надевам дека класичниот саксофон ќе успее да го добие заслуженото место на светската музичка сцена – вели Асја Фатејева.
Многу луѓе кога ќе го слушнат зборот „саксофон“ речиси секогаш го поврзуваат со џез-музиката. Фатејева со своето присуство на светската музичка сцена сака да го измени овој контекст и да докаже дека саксофонот е инструмент што е присутен и во класичната музика. Во 2014 година, таа е првата жена што успева да влезе во финалето за престижната награда „Адолф Сакс“ на интернационалниот натпревар во Белгија, на кој го добива третото место. Родена е во Керч, на Крим, во 1990 година. На шест години почнала да учи пијано.
– Мојата наставничка по пијано Валентина Никшина ми ја поттикна љубовта кон уметноста и ми ги влеа длабочината и интензитетот на руската музичка школа – вели Фатејева.

Саксофонот го открива на десет години. Веднаш се вљубила во него, уште кога го слушнала првиот тон. Почнува да го изучува инструментот кај проф. Маргарита Шапошникова, на познатиот институт „Гнесин“ во Москва, а магистерски студии завршува во Франција. Во 2004 година се сели со семејството во Германија, каде што го дозавршува своето школување во Келн. Фатејева настапува како солистка со речиси сите познати светски оркестри, а од 2014 година предава саксофон во Мунстер, Германија. Музичката критика не штеди зборови за оваа исклучителна солистка. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека Фатејева е вистинска сензација во музичкиот свет и дека нејзиното свирење е „многу елегантно и лесно“. Во моментов живее во Хамбург, каде што свири саксофон во познатиот „Алиеџ квинтет“, со кој изведува ремек-дела од класичната ера, аранжирани за пијано и четири саксофони. Тоа ѝ помага да го прошири својот репертоар, бидејќи нема многу класични дела за саксофон, со оглед на фактот дека Адолф Сакс го создаде инструментот во 1840 година. Поради тоа, Фатејева, која свири и сопран- и алт-саксофон, транскрибира дела од барокот и од класичната музичка ера за својот инструмент.
– Потребни се повеќе нарачки на дела за соло-саксофон и оркестар – вели Фатејева.
Токму тоа е нејзината мисија – да му го обезбеди заслуженото место на класичниот саксофон во музичките институции, но и во срцата на многубројните музички обожаватели.

Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Скорашните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што добил награда за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.