По повод 80 години од масакрот во Ваташа
(извадоци)
Во оваа приказна нема ништо измислено. Во оваа приказна животот е посилен од зборовите. Во оваа приказна за младоста зборува младоста, онака како што само таа умее да зборува. Во оваа приказна што е само една од неброените приказни што ги расправаат ветките на Зеленгора, стапките на Патот петровачки, зелените бранови на Сутјеска, модрите вишини на Козјак, партизаните — средношколци крагуевачки, во оваа приказна зборуваат дванаесетмината младинци од Ваташа. Дванаесет разлистени надежи, дванаесет соништа на младоста, дванаесет радости родителски, дванаесет жедности сончевина, дванаесет покосени животи во дванаесеттиот час на животот. Дванаесет пресечени чекори во чекорот незапирлив на младоста.
Јуни. Тиквешко. 1943. Окупаторот беснее од немоќ. Ништо не го запира победоносниот разгор на сенародната борба. Ни јавните закани, ни затворите, ни претепувањата, ни убиствата од ненадеж, во постела — дома, на нива — во полето. Секоја закана е стократен гнев, секое убиство повик за слобода. Тежи воздухот од одмазда, одмаздата му тежи на врагот.
(…)
Дванаесет цвета на младоста лежат во тревата неподвижно. Дванаесет надежи родителски, дванаесет врсници на верноста, дванаесет фиданки на животот, дванаесетмината од сончевата колона на младоста.
Сонцето ја огрева Ваташа, сонцето запира над рудината. Ѕверот е ненаситен, ѕверот ѕверски се изживува. Штиковите блескаат на сонцето.
Кој ќе ве препознае, млади Ваташани! Идат вашите мајки, идат вашите татковци, идат вашите пријатели. На што ви личат лицата, на што рацете, на што очите ваши. На што личите, млади Ваташани. Кого да го исплачат мајките, кого да го прегрнат татковците, со кого да се поздрават пријателите.
Крвникот слева надолу, гневот шиба во вишина. Идат вашите мајки, идат вашите татковци, идат вашите пријатели, иде народот. Гневот не знае за граници. Гневот не го запираат рафалите. Гневот не го пронижуваат штиковите.
Ако не ве препознаат мајките, ќе ве препознае земјата, ќе ве препознае колоната во која мртви чекорите. Непрегледната сончева колона на младоста.