Во далечното минато денот траел 19 часа, бидејќи Месечината била поблиску до Земјата. Научниците објаснија како растојанието помеѓу Месечината и Земјата и другите природни околности влијаат на должината на денот.

Геофизичарот Рос Мичел од Институтот за геологија и геофизика на Кинеската академија на науките вели дека со текот на времето Месечината ја украла ротациската енергија на Земјата за да ја премести понатаму во орбитата, односно подалеку од Земјата. Мичел е водечки автор на студијата за должината на денот, која беше објавена во научното списание „Нејчр џиосајенс“.
– Повеќето модели на ротација на Земјата покажуваат дека должината на денот била пократка во минатото – вели Уве Киршер, коавтор на студијата и соработник од австралискиот универзитет „Кертин“.

Меѓутоа, Мичел и Киршер не забележале стабилни промени во должината на денот во минатото. Геолозите некогаш користеле траги на специјални седиментни карпи за да ја измерат должината на денот. Имено, на нив имало траги од плимата и осеката. Тоа овозможи да се одреди бројот на часови во еден ден. Сепак, трагите од плимата и осеката се ретки, па дури и оние што се зачувани често се спорни.

Меѓутоа, постои уште еден начин да се процени должината на денот.
Циклостратиграфијата е геолошки метод во кој се користат ритмички седиментни слоеви за откривање на астрономските циклуси што одразуваат како промените во орбитата и ротацијата на Земјата влијаат на климата.
– Двата т.н. „миланковички циклуси“, прецесија и наклон, се поврзани со осцилацијата и навалувањето на ротацијата на Земјата во вселената. Побрзата ротација на Земјата во минатото е забележлива во периодот на пократка прецесија и навалување – вели Киршер.

Една од недокажаните теории е дека должината на денот се стабилизирала во далечното минато. Покрај плимата и осеката на океаните предизвикани од влијанието на Месечината, Земјата има и соларни плими поврзани со загревањето на атмосферата во текот на денот. Атмосферските плими на Сонцето не се толку силни како океанските, но тоа не е секогаш случај. Додека Месечината ја забавува ротацијата на Земјата, Сонцето ја забрзува.
– Во минатото овие две спротивставени сили станале еднакви една со друга, што резултира со тоа што должината на денот престанува да се менува и останува константна одреден временски период – нагласи Киршер, а токму тоа го покажа и споменатото истражување.

Според него, должината на денот престанала да се менува на 19 часа, а тоа се случило пред една до две милијарди години, пишува „Џерусалем пост“.