Уметниците Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска се дел од учесниците на изложбата „Мојата уметност е мојата стварност“

Македонските уметници Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска се дел од авторите учесници во проектот насловен „Мојата уметност е мојата стварност“, кој го реализираат институтот „Гете“ и Францускиот институт во Хрватска, со поддршка на германско-францускиот фонд „Елисе“.

Проектот е насочен кон истражување и ревалоризација на прашањето на меморијата на насилничкото минато и помирувањето низ изградба на заедничка иднина во Европа, а истоимената изложба што е дел од него е отворена на 9 ноември во Риека.
На изложбата со свои дела учествуваат и уметници од Хрватска, Франција, Србија, Босна и Херцеговина, Словачка,Унгарија, Канада и од Германија: Андреја Кулунчиќ со колективот „ИСТЕ“, Херлинде Кебл, Стеван Којиќ, Синиша Лабровиќ, Валери Лерај, Бранислав Николиќ, Весна Перуновиќ, Андре Жено Ратч, Емилија Ригова, Селма Селман, Селман Тртовац и германскиот кустос Мориц Панкок, кој е автор на текстот во каталогот на изложбата. Кустос и авторка на изложбата е Сања Којиќ Младенов.

Непосреден повод за истражување на посочените клучни проблеми со проектот е одбележувањето на стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна во 2018 година, сеќавањето на турбулентните и насилни општествени политички состојби, на траумите, миграциите и соживотот, низ современ и уметнички контекст, со меѓународната изложба, во која учествуваат уметници и кустоси и уметнички институции. Во фокусот на таа перспектива стои преиспитувањето на заборавените истории и позиции на маргиналните групи, особено на ромското малцинство.

Изложбата „Мојата уметност е мојата стварност“ се стреми да ги преиспита видливоста и положбата на уметничката практика на Ромите како интегрален и рамноправен сегмент во европскиот културен простор.