„Цело е кога се има 30“ е тематски фестивал кој ќе се одржува од 21 август до 5 септември во Прилеп и Крушево, во организација на Театар Чин 4 Сцена 5.
Фестивалот е осмислен како серија од настани, коишто преку своите идејни решенија и планирани продукциски активности има за цел да го претстави континуитетот и истрајноста на современа македонска уметност, литература и култура.
– Модерниот и креативниот пристап во осмислувањето на предложените активности ја допираат не само промоцијата, туку и реактуализација (нови естетски доживувања) на поезијата, музиката, танцот и театарот создавани од 1945 година до денес. Главната цел на проектот и вклучените настани е модерната анализа и мултимедијалниот пристап во работата со клучните дела и автори од македонската современа литература, музика и уметност со цел да се претстават, не само како значајни за развојот и видливоста на македонската култура и идентитет, туку и како материја која со помош на современи техники може да биде атрактивна и за најмладите граѓани. Процес, којшто со сигурност ќе има влијание врз реактуализацијата на авторите и делата и нивна понатамошна врежаност во колективната меморија на населението. Дигитализацијата на културните настани е пракса која не е вообичаена не само во Регионот, туку и во државата, поради што како една од целите е поставена целосна дигитализација на настаните, како и изработка на заклучен краен документарен филм. Ангажирајќи креативни лица од Пелагонискиот регион истрајно и континуирано ја поддржуваме независната културна сцена, го зајакнуваме местото на Прилеп во културната мапа на регионот, како и влијание врз процесот на децентрализација на културата во државата. Настаните ќе се одржат во Прилеп, на сцените на Центарот за култура Марко Цепенков, театарот Војдан
Чернодринскии пред Саат-кулата, како и во Крушево, односно Музејот на НОБ и
платото пред споменикот Македониум – рече на денешната прес-конференција Звонко
Димоски, проект менаџер.
Почетокот на проектот, изјави Саша Нацевски, е на 21 август со претставата „Парадоксот на Диоген” (Томе Арсовски), кореографија: Јована Зајкова и Бобан Русески / музика: Тодор Скаловски и концертна промоција на албумот „Апокриф“ на Добрила и Дориан Дуо, за потоа да следат работилници, изложби, вариете вечер,театарски претстави, мултимедијални работилници…за да на крајот на петти септември се одржи музички перформанс на Зарина Првасевда.
Проектот е поддржан од Владата на Македонија, а ќе бидат вклучени голем број уметници. Ка.М.