Во Културно-информативниот центар во Скопје е отворена изложбата „Трансценденција“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 15 скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техника на заварување метал. Скопската публика ќе може да ја посети изложбата до 30 ноември. Низ призмата на оваа изложба на скулпторот Слободан Милошески, публиката има можност уште еднаш да види иновативна скулптура што се карактеризира со две особини: начинот на кој се користи материјалот (во овој случај станува збор за метал) и концептот на артикулирање идеи што се од доменот на духовното.
– Општопознато е дека металните скулптури се појавуваат во најстариот период на човечката цивилизација (статуетки, фигурини, тотеми) и тие имаат свој развој до монументалните споменици на современиот свет.
Во сите овие фази металот има свои технологии на обработка – од целосно соголување на површината (поради елиминација на сите производи од корозија), преку користење абразивни техники, како што се пескарење или минирање со микромонисти, па сѐ до хемиско соголување и електрохемиска редукција. Ваквите процедури, во својата завршница, произведуваат патина или полирана површина, секоја со свои специфичности и намени. Патините се ценети поради естетската убавина и му даваат автентичност на предметот. Поради тоа, класичните скулптури од историјата на уметноста се обработени според оваа процедура – вели историчарот на уметноста Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Од друга страна, за авторот Слободан Милошески, кој е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата, поголема атрактивност предизвикува скулптурата што може да се полира, скулптурата со нагласена текстура или пак, нивната комбинација. Во контекст на севкупната инфраструктура на креација на уметничкото дело, тој спроведува третман што резултира со преобликување на металот или со неповратно додавање, како што се лемењето или заварувањето, за да ги обезбеди и профилира скршените сегменти на скулптурата, кои патем ги третира со голема претпазливост и внимание.
Слободан Милошески досега има реализирано 26 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 15 награди и признанија. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: скулптури на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на муза наменета за фасадата на објектот „Стар театар“… Член е на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.