фото: Фејсбук

Последниот компакт-диск на кој македонскиот пијанист Симон Трпчески, заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од чешкиот град Острава и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович, е меѓу трите проекти номинирани во категоријата „разновидна програма“ на Меѓународните награди за класична музика – ИЦМА.
Цедето во мај годинава го издаде престижната британска етикета „Лин Рекордс“.
Во изјавата за Македонското радио по повод ова издание, Симон Трпчески тогаш појасни дека е реализирано на негова иницијатива за време на ковид-пандемијата, а изборот на делата говори за креативноста и оригиналноста на Шостакович.
– Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со „Лин Рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, на моја иницијатива успеавме да организираме снимање на двата пијано концерти на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот МАКЕДОНИСИМО – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност – рече тогаш Трпчески.
Во три етапи, жирито ги соопшти номинираните во секоја од 16-те категории за влез во Салата на славните на Меѓународните награди за класична музика – ИЦМА за 2022 година.
Имињата на добитниците на наградените ќе бидат соопштени на 18 јануари, а признанијата на лауреатите ќе им бидат врачени на свеченоста во Луксембуршката филхармонија на 21 април, наредната година.